Откако попладнево со 61 глас „за“ беше прифатена интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути, од Кабинетот на претседателот на Собранието испратија соопштение во кое се нагласува дека гласањето за интерпелацијата нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.
Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.
„Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, се вели во соопштението.