Background

Дата центри во Македонија, скапа игра со туѓи пари, туѓа вода и туѓа струја

Додека дел од светот веќе го затвора вратилото за нови дата центри, Македонија одлучи да им ги отвори капиите. Прашањето кое останува без јасен одговор е едноставно, зошто токму сега, зошто токму тука и во чиј интерес.

Што всушност значи изградба на дата центар

Дата центарот не е обична зграда со компјутери. Тоа е индустриски објект кој бара огромни количини електрична енергија за непрекинато работење на серверите и уште поголеми количини за нивно ладење. Според пресметки изнесени во јавноста, еден поголем дата центар троши помеѓу еден и три милиони литри питка вода дневно, количина колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители. Земјата веќе најавува изградба на Национален дата центар преку проектот „Везилка“, а паралелно се отвора врата и за приватни, комерцијални и странски инвестиции преку измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

Опасност по граѓаните и по животната средина

Проблемот не е апстрактен. Системите за ладење со вода испуштаат затоплена вода назад во околината, а никој досега јасно не објаснил каде таа вода ќе завршува и какво влијание ќе има врз локалните водотеци и почва. Дополнителен проблем е бучавата, дата центрите работат нон стоп, седум дена во неделата, со системи за вентилација и ладење кои произведуваат постојан индустриски звук, доволен да го наруши секојдневието на населението во непосредна близина. Токму бучавата и стравот за здравјето беа меѓу главните причини поради кои Советот на Општина Пехчево едногласно ја отфрли иницијативата за изградба на дата центар во градот, откако граѓаните остро реагираа на непрозирниот начин на кој се водеше целата постапка.

Реката Вардар на удар

- Advertisement -
Ad image

Откако Пехчево ја одби понудата, се појави информација дека следната локација на удар е крајбрежјето на Вардар кај Неготино. Опозицијата веднаш предупреди дека тука станува збор за земјоделски регион во кој веќе функционира сериозен систем за наводнување на илјадници хектари обработливо земјиште. Отворањето прашање е директно, ако дата центарот ја користи водата од Вардар за ладење, а потоа ја враќа затоплена, што се случува со земјоделците надводно и наводно, и што се случува со екосистемот на реката во период кога климатските промени веќе создаваат воден стрес во целиот регион.

Зошто развиениот свет се повлекува, а Македонија тргнува напред

Во Холандија, компанијата Мета го откажа големиот проект во Зевволде откако наишла на отпор од граѓани и фармери загрижени за потрошувачката на енергија и влијанието врз земјоделството. Ирската влада воведе мораториум за нови дата центри околу Даблин заклучно со 2028 година, откако тие почнале да трошат над 20 отсто од целокупната електрична енергија во земјата. Во повеќе сојузни држави во САД, меѓу кои Аризона, Вирџинија и Мисури, проекти вредни десетици милијарди долари биле блокирани или целосно откажани поради недостиг на вода и штета врз локалната животна средина. Слични отпори постојат и во Чиле, Бразил и Германија.

Додека светот учи од сопствените грешки, во Македонија истата приказна се продава како неминовен чекор кон дигитална иднина, без јасен одговор на прашањата колку електрична енергија ќе се троши, од каде ќе доаѓа таа енергија, каков систем за ладење ќе се користи и дали воопшто е спроведена целосна оцена на влијанието врз животната средина пред да се донесат клучните одлуки.

Кој стои зад целата игра

Владејачката гарнитура дата центрите ги претставува како капитален проект од историско национално значење, дел од европската мрежа на вештачка интелигенција. Од друга страна, дел од опозицијата и граѓанските организации тврдат дека вистинскиот интерес не е дигитален развој на државата, туку профит на странски инвеститори и домашни тендерски структури кои сакаат да ги стават под контрола најбараните ресурси на иднината, водата и струјата. Граѓанските организации бараат јавноста конечно да добие јасни бројки, колкава е реалната потрошувачка на вода и енергија, кој инвеститор стои зад секој конкретен проект и зошто и покрај светските примери на повлекување, кај нас се брза токму во спротивна насока.

Додека тие прашања остануваат без одговор, единствено сигурно е дека одлуките повторно се носат брзо, нетранспарентно и под притисок, а граѓаните дознаваат дека нешто големо се случува во нивниот двор дури откако договорот веќе е на маса.

Сашо Денесовски

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation