Background

Данска со најрадикална промена, Европа ја менува старосната граница

Возраста за пензионирање во Европската Унија ќе се зголеми од 64,7 на 66,9 години за мажи и од 64 на 66,6 години за жени до крајот на 2060-тите години, а околу две третини од европските земји се очекува да ја зголемат пензиската возраст за мажи, додека три четвртини ќе ја зголемат за жени, јави Евроњуз.

Според анализата на Евроњуз на податоците за 32 земји и извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) „Пензиите на прв поглед 2025“, мажите се соочуваат со повисока пензиска возраст во 21 земја, а жените во 24. Низ ЕУ, нормалната пензиска возраст се очекува да порасне за околу 2,1 година за мажи и 2,6 години за жени. Споредбата е меѓу лицата кои се пензионирале во 2024 година и оние кои влегле на пазарот на труд на 22 години истата година, под претпоставка за непрекината кариера, што значи дека втората група типично би се пензионирала кон крајот на 2060-тите години.

Зголемувањето на пензиските возрасти останува честа стратегија за подобрување на финансиската одржливост на пензиските системи без намалување на нивоата на пензиите, се наведува во извештајот, каде што се додава дека, алтернативно, финансиската одржливост може да се постигне преку зголемување на придонесите или намалување на нивоата на бенефиции.

- Advertisement -
Ad image

Извештајот предупредува дека популациите низ ОЕЦД ќе стареат брзо во наредните 25 години. За секои 100 лица на возраст меѓу 20 и 64 години, бројот на лица на возраст од 65 и повеќе години се проектира да порасне од 33 во 2025 година на 52 во 2050 година, додека во 2000 година оваа бројка изнесувала 22.

Според податоците на ОЕЦД за 2024 година, моментално највисока пензиска возраст за мажи од 67 години има во Данска, Норвешка, Исланд и Холандија, додека просекот во ЕУ изнесува 64,7 години. Турција е значаен исклучок со пензиска возраст од 52 години, а следна најниска е 62 години во Грција, Словенија и Луксембург. Меѓу петте најголеми економии во Европа, Германија има највисока пензиска возраст за мажи од 66,2 години, додека Франција има најниска од 64,3 години.
Низ ЕУ, мажите кои влегле на пазарот на труд на 22 години во 2024 година се проектирани да се пензионираат на просечни 66,9 години, околу 2069 година. Данска ќе има највисока пензиска возраст за мажи од 74 години, додека кон крајот на 2060-тите таа ќе достигне 71 година во Естонија и 70 години во Италија, Холандија, Шведска и Кипар. Најниска пензиска возраст за мажи од 62 години ќе имаат Словенија и Луксембург. Меѓу најголемите европски економии, мажите во Италија ќе имаат највисока идна пензиска возраст од 70 години, следени од оние во Обединетото Кралство со 68 и Германија со 67 години, додека во Франција и Шпанија таа ќе изнесува 65 години.

Мажите во Турција ќе се соочат со најголем пораст од 13 години (од 52 на 65 години). Данска ќе бележи пораст од седум години, следена од Естонија, Италија, Словачка и Кипар со зголемување од најмалку пет години. Во Шведска и Грција границата ќе се зголеми за четири години, во Холандија и Финска за три години, а зголемување од најмалку две години ќе има во Португалија, Обединетото Кралство, Чешка, Романија и Белгија. Мажите во Германија и Франција ќе се соочат со зголемувања помалку од една година, додека во неколку други земји таа ќе остане непроменета.

За жените, Данска, Холандија, Исланд и Норвешка моментално имаат највисока пензиска возраст од 67 години, додека просекот во ЕУ е 64 години. Турција има најниска сегашна пензиска возраст за жени од 49 години, следена од Полска со 60 години. Проекцијата за жените во ЕУ кои започнале со работа во 2024 година е пензионирање на просечни 66,6 години.

 

Како и кај мажите, Данска ќе ја има највисоката идна пензиска возраст за жени од 74 години, по што следат Естонија со 71, како и Италија, Холандија, Шведска и Кипар со 70 години. Полска ќе продолжи да ја има најниската пензиска возраст за жени во ЕУ од 60 години. Најголем пораст за жени повторно ќе има Турција (14 години, од 49 на 63 години), по што следат Данска и Италија со околу седум и 6,2 години, Естонија (6,3), Словачка (5,8), Кипар (5), Романија (4,8), Австрија (4,5), како и Шведска и Грција со по четири години. Во Шпанија пензиската возраст за жени ќе остане 65 години, во Германија и Франција ќе се зголеми за помалку од една година, а во Обединетото Кралство за две години.

Во некои земји, промените во животниот век дополнително ќе влијаат врз пензиската возраст. На пример, Данска може да ја омекне сегашната директна поврзаност меѓу пензиската возраст и животниот век, со што проектираната идна нормална пензиска возраст во таа земја би била пониска од 74 години.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation