Андеан Меѓедовиќ, канадски хакер со потекло од Босна и Херцеговина, стана една од најмистериозните фигури во светот на криптовалутите откако беше поврзан со измама тешка 65 милиони долари, па исчезна по ослободувањето од притвор во Србија.
Меѓедовиќ, кого медиумите го нарекуваат математички гениј, завршил средно училиште на 14 години, а магистрирал математика на само 18.
Наместо академска кариера, неговото име денес се поврзува со спектакуларни криптонапади врз платформите Indexed Finance и KyberSwap.
По нападот врз KyberSwap, хакерот испратил порака што го шокирала криптосветот.
„Преговорите ќе започнат за неколку часа кога ќе се одморам целосно. Ви благодарам“, напишал напаѓачот.
Кога компанијата му понудила 10 проценти награда за да ги врати средствата, тој одбил.
Наместо тоа, побарал целосна контрола врз платформата и понудил да врати само половина од средствата на оштетените инвеститори.
„Знам дека ова е веројатно помалку отколку што сакавте. Сепак, тоа е многу повеќе отколку што заслужувате“, напишал тој.
Меѓедовиќ со години бил во бегство. Во 2023 година за DL News изјавил дека живее „на остров“, но одбил да открие каде точно се наоѓа.
Подоцна криптопаричници поврзани со претходните напади повторно биле активирани, по што истражителите почнале да ги поврзуваат двете големи измами.
Неговото име повторно се појави во јавноста во 2024 година, кога беше уапсен во Белград по потерница од Холандија.
Во изјавата пред српските власти, Меѓедовиќ признал дека користел лажни имиња и пасоши додека патувал низ светот.
– Кога престојував во хотели, користев лажни имиња и лажни пасоши, особено во Холандија. Тоа го правев за да ја заштитам мојата приватност бидејќи кога тргувате со криптовалути честопати станувате цел на криминалци – изјавил Меѓедовиќ.
Тој рекол дека патувал низ Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Шпанија и други европски држави.
Во Холандија, според истрагата, престојувал во хотел во Хаг со лажен словачки пасош и нагло избегал утрото по хакерскиот напад.
По 105 дена поминати во притвор, Вишиот суд во Белград одбил да го екстрадира во Холандија.
Судот оценил дека холандските власти не доставиле доволно докази дека токму Меѓедовиќ стоел зад нападите.
По ослободувањето повторно исчезнал без трага.
Американското Министерство за правда подоцна соопштило дека верува оти заминал во Босна и Херцеговина.
Според американските документи, Меѓедовиќ ангажирал лобистичка фирма за да се обиде да стигне до претседателот на САД Доналд Трамп.
Целта на лобирањето, според документите, била да се обезбеди претседателско помилување и да се избегне долга затворска казна.
Истовремено, истражителите и понатаму се обидуваат да откријат каде точно се наоѓа човекот кој од математички вундеркинд стана еден од најбараните криптохакери во светот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
