Апаратот за плазмафереза може да стане клучен сведок за последните минути од животот на познатиот грчки пејач Јоргос Мазонакис. Машината веројатно го регистрирала целиот процес во приватната ординација каде што минатата недела почина Мазонакис, пишуваат грчките медиуми.
Токму податоците од апаратот би можеле да покажат дали медицинската процедура веќе била во тек. Тоа е особено важно бидејќи лекарите првично тврделе дека терапијата воопшто не била започната.
Истрагата, според истите информации, утврдила поинаква слика. Мазонакис починал од срцев удар додека медицинската процедура била во тек, а брзата помош наводно била известена дури околу еден час подоцна.
Двајцата лекари првично биле осомничени за изложување на опасност со смртен исход. По новите докази, обвинението било променето и сега се товарат за убиство со евентуална умисла, дело за кое е предвидена казна и до доживотен затвор.
Според грчките медиуми, лекарите немале соодветни средства за реанимација. Наводно се обидувале сами да го вратат во живот 54-годишниот пејач, наместо веднаш да повикаат помош или да го пренесат во болница.
Истрагата отвора прашања и за самата ординација. Таа била регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина, но без дозвола вршела плазмафереза и терапии со матични клетки.
Сопственици биле брачна двојка лекари – општ лекар и неговата сопруга, за која се наведува дека е гинеколог и магистер по молекуларна и развојна биологија. Според информациите, токму таа ја изведувала процедурата кога на Мазонакис му се слошило.
Плазмаферезата е процедура при која од крвта се издвојува плазмата, а останатите крвни компоненти му се враќаат на пациентот. Во доставениот материјал се наведува дека таа се изведува во болнички услови и под надзор на специјализиран медицински персонал.
Двајцата лекари треба да бидат изведени пред јавен обвинител и истражен судија во понеделник наутро.
Пејачот имаше повеќе од три децении кариера, над 10 албуми и илјадници настапи во Грција и во странство. На 20 септември требаше да одржи концерт во Атина со кој ќе одбележеше 33 години на сцената.
Мазонакис беше погребан денеска во Никеа, во западниот дел на Атина, каде што го поминал детството. Плоштадот пред маалската црква бил премал за неговите пријатели, колеги и обожаватели кои дошле да се простат од него.
На социјалните мрежи се појави снимка од собирот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
