Американската академија за филмски уметности и науки соопшти дека објавувањето на номинациите за 97. доделување на наградите Оскар ќе се одложи за два дена поради катастрофалните пожари кои го зафатија Лос Анџелес.
Според официјалното соопштение на Академијата, гласањето за номинации, кое започна на 8 јануари, е продолжено до 14 јануари. Објавувањето на номинациите, првично планирано за 17 јануари, е одложено за 19 јануари. Самата церемонија на Оскарите, чиј водител е Конан О’Брајан, сè уште е закажана за 2 март 2025 година.
Пожарите ги откажаа гала ручекот на наградите АФИ и настанот БАФТА. Откажани се и премиерите на филмовите „Unstoppable“ и „Wolf Man“, како и премиерите на „Better Man“ и „The Pitt“. Доделувањето на наградите „Критикс чоис“ е одложено од 12 на 26 јануари поради новонастанатата ситуација.
Од околу 10.000 членови на Академијата, околу 6.000 живеат во Јужна Калифорнија.
– Сакаме да им изразиме длабоко сочувство на сите оние кои се погодени од разорните пожари низ Јужна Калифорнија. Многу од нашите членови и колеги од индустријата живеат и работат во областа Лос Анџелес и нашите мисли се со нив – рече Бил Крамер, извршен директор на Академијата за филмски уметности и науки