Скопјанецот Абдул Самрез Јашари, познат и како Абу Катада ал-Албани, според неговото име како член на Ал Каеда, е назначен за полковник од новата влада во Сирија.
Абдул Јашари е роден во Скопје, Македонија, на 25 септември 1976 година, откриваат негови блиски луѓе.
Според информациите кои може да се пронајдат на интернет, новиот сириски режим, предводен од водачот Ахмад ал Шара (Абу Мохамад ал-Џулани) има додадено странски платеници во Министерството за одбрана.
Сирискиот политички аналитичар Марам Сусли, позната и како „сириска девојка“, известува дека од 6 новоназначените бригадни генерали, 3 се „странски борци на Ал Каеда кои не се од Сирија“.
1) Абдул Рахман Хусеин Ал-Хатиб, Јорданец, чие име во Ал Каеда било „Абу Хусеин Ал-Јордани.
2) Абдул Азиз Давуд Худабарди, источен Туркастан или Ујгур, чие име во Ал Каеда било „Абу Мухамед Ал-Туркистани“.
3) Омар Мухамед Гифтчи, Турчин, чие име во Ал Каеда било „Мухтар Ал-Турки.
Дополнително, друг странски борец по име Абдул Самрез Јешари од Македонија, чие име во Ал Каеда беше „Абу Катада Ал-Албани“, доби чин полковник.
Инаку Јашари (48), Албанец од Македонија, ја предводеше Џемати Албан, милитантна група составена од претежно етнички Албанци од Балканот од Македонија, Косово и Албанија. Групата која се здружи со Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ). ХТШ е исламистичката група, означена како терористичка организација од САД и ЕУ, која го собори сирискиот претседател Башар ал- Асад во декември 2024 година, пренесува Радио Слободна Европа.
Јашари беше прогласен за терорист од Министерството за финансии на САД во 2016 година.
Јашари е еден од илјадниците сунитски муслимански странци им се приклучија на сириските бунтовници на почетокот на 13-годишната граѓанска војна за да се борат против владеењето на Башар ал Асад и шиитските милиции поддржани од Иран кои го поддржуваа, давајќи му на конфликтот секташки призвук.
Некои странски борци формираа свои вооружени групи, додека други им се придружија на воспоставените формации како Исламската држава додека дивееше низ Ирак и Сирија, накратко прогласувајќи таканаречен калифат пред да бидат уништени од силите поддржани од САД и Иран.
Други групи странски џихадисти се приклучија на ХТС, кои ги отфрлија претходните врски со Ал Каеда и Исламската држава и водеа крвави битки против нив пред да продолжат да го предводат напредокот што го собори Асад на 8 декември.