Британската истрага за потонувањето на суперјахтата „Бејзијан“ кај Сицилија во август 2024 година откри клучен безбедносен пропуст. Пловилото, на кое загинаа бизнисменот Мајк Линч, неговата 18-годишна ќерка и уште 5 лица, никогаш не било проверено за стабилност на сидро со спуштени едра.
Поради овој пропуст, екипажот не знаел дека силниот ветер може да ја преврти, утврди британскиот Оддел за истражување поморски несреќи (МАИБ) во извештајот објавен денеска, 19 ноември.
Линч ги поканил семејството, пријателите и соработниците за да ја прослават неговата ослободителна пресуда во САД. Бил обвинет за измама при продажбата на софтверската компанија „Аутономи“ на „Хјулит-Пакард“ за околу 11 милијарди долари. Поротата во Сан Франциско го ослободила од сите обвиненија во јуни 2024 година, два месеца пред трагедијата.
Јахтата потона на 19 август 2024 година кај Портичело, на Сицилија. Од 22 лица на неа, 7 загинаа, а 15 се спасија.
Временските услови се промениле за само 14 минути. Ветер со брзина од најмалку 126 километри на час ја соборил јахтата настрана за помалку од 15 секунди. Пловилото потонало приближно 18 минути подоцна.
Истражителите утврдиле дека „Бејзијан“ ја погодило нагло спуштање воздушна маса, познато како „даунбурст“, кое создава разорен ветер. Прогнозата предвидувала грмотевици, но не предупредувала на можноста за толку силни удари.
Ризикот од превртување зависел од распоредот на товарот, правецот на ветерот и положбата на подвижната кобилица. Оваа ранливост не била наведена во одобрената документација за стабилноста достапна на екипажот.
Откако се навалила, јахтата не можела повторно да се исправи. Водата навлегла во внатрешноста, а пловилото потонало на длабочина од 50 метри.
Ниту еден од сплавовите за спасување не се ослободил и не се надувал автоматски. Екипажот морал рачно да пушти сплав и да им помогне на преживеаните да се качат. Подоцна ги презел помошен чамец од блиската едрилица „Сер Роберт Баден-Пауел“.
Меѓу загинатите беа 59-годишниот Линч и неговата 18-годишна ќерка Хана. Животот го загубија и неговиот адвокат Крис Морвило и сопругата Неда, претседателот на „Морган Стенли интернешнл“, Џонатан Блумер, и сопругата Џуди, како и готвачот Рекалдо Томас.
Морвило го застапувал бизнисменот во американскиот судски процес. Блумер сведочел во негова корист. Линч ги поканил на патувањето како дел од кругот луѓе што го поддржувале за време на правната битка.
Неговата сопруга Анџела Бакарес ја преживеа несреќата. Јахтата формално била во сопственост на компанијата „Ревтом“, регистрирана на нејзино име. Името „Бејзијан“ било поврзано со статистичката теорија врз која се темелела технологијата на „Аутономи“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
