Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска рече дека Соединетите Американски Држави ќе ја стигнат Кина во производството на ретки земјени метали во рок од 10 месеци.
– Произведуваме ретки земјени метали на ниво на кое никогаш досега не сме произведувале. Ќе ги стигнеме во рок од 10 месеци. Сè што ни е потребно ќе имаме за 10 месеци. Произведуваме огромни количини кога станува збор за ретките земјени метали – рече Трамп на маргините на самитот на АСЕАН во Манила, одговарајќи на новинарско прашање каква порака има за Кина на оваа тема.
Тој не појасни што опфаќаат бројките за производство ниту дали тие вклучуваат производство од други земји. Вашингтон веќе долго време бара партнерства во странство за да ја намали својата зависност за ретки минерали од Кина, која е доминантен производител.
По состанокот на Филипините, Трамп планира да отпатува во Кина, каде што во четврток ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг. Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) почнува утре во Шенжен, јужна Кина.
Ретките земјени метали се појавија како клучна точка на спор во трговскиот конфликт меѓу САД и Кина. По ескалацијата на царините од страна на Трамп во април минатата година, Пекинг воведе извозни контроли за некои од металите кои ѝ се итно потребни на индустријата.
Овие суровини се користат во високотехнолошкиот и во одбранбениот сектор бидејќи поседуваат својства кои се суштински за одредени производи. Тие исто така се наоѓаат во секојдневни производи како што се екрани на паметни телефони и телевизори, погони за електромотори, полупроводници и турбини.
Прашан за потенцијалната закана од ирански напад врз главниот град Вашингтон, Трамп рече дека заканата ја сфаќа многу сериозно.
– Се надевам дека тоа нема да се случи, но ги сфаќаме работите многу сериозно. Ако нешто се случи, тие ќе платат цена каква што светот никогаш досега не видел – додаде Трамп.
Претходно Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски официјални претставници објави дека американските разузнавачки служби добиле нови информации кои сугерираат дека Иран подготвува напад врз Вашингтон со употреба на „валкана бомба“ или хемиско оружје. Во меѓувреме, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли овие информации, оценувајќи ги тврдењата како „неосновани“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
