Предлог-буџетот за 2027 година ги спротивстави ставовите на власта и опозицијата на собраниската Комисија за финансирање и буџет. За владејачкото мнозинство, станува збор за развоен буџет кој треба да обезбеди економски раст, подобар животен стандард и финансиска стабилност, додека опозицијата смета дека предвидува премалку пари за капитални инвестиции, стопанството и подобрување на стандардот на граѓаните.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Жан Дрвошанов оцени дека буџетот е насочен кон постепена фискална консолидација, одговорно управување со јавните финансии и намалување на дефицитот, без откажување од развојните политики.
– Овој предложен буџет треба да обезбеди посилна економија и подобар живот за граѓаните на Република Македонија – рече Дрвошанов.
Неговата сопартијка Лидија Петкоска порача дека буџетот треба да се оценува и според досега реализираните ветувања, а не само според најавите за иднината. Таа посочи дека државата мора да ги сервисира старите долгови и камати, но истовремено да ја зачува финансиската стабилност.
Опозицијата, пак, оцени дека предложениот буџет не е развоен, бидејќи најголем дел од парите се насочени кон тековните трошоци, а капиталните инвестиции не добиваат доволна поддршка.
Фатмир Битиќи се согласи дека економскиот развој зависи и од поддршката на малите и средните претпријатија, домашните и странските компании, но посочи дека за тоа не се предвидени доволно средства. Од опозициските партии најавија дека нема да го поддржат предлогот.
Приоритети – здравство, образование, земјоделство…
Објаснувајќи го буџетот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги издвојуваа здравството, образованието, земјоделството и локалниот економски развој како приоритети.
Јулија Тушевска посочи дека се предвидува зголемување на средствата за предучилишното и основното образование за 19,3 отсто, а за средното образование за 7,1 отсто. Таа ги спомена и вложувањата во училиштата, студентските домови, градинките и регионалните центри за стручно образование.
Пратеничката Лидија Петкоска го посочи Охрид како пример за развој преку туризмот, но и преку производство и нови инвестиции. Таа ги издвои подобрената авионска поврзаност и најавената инвестиција на домашната компанија АСП ПАК, вредна над 10 милиони евра, како можности за отворање нови работни места и развој на градот во текот на целата година.
Задолжувањата – товар за буџетот
Пратеникот Зоранчо Јованчев, пак, ја нагласи потребата од финансиска стабилност и намалување на задолжувањата, посочувајќи дека во 2027 година доспеваат обврски за сервисирање и рефинансирање на долгот од 124,6 милијарди денари.
Како значаен товар Јованов ја издвои и еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, која доспева за отплата следната година. Јованчев ја посочи и поддршката за земјоделството, за кое се планирани речиси 11 милијарди денари.
Колку пари предвидува буџетот за 2027 година
Вкупните приходи во предлог-буџетот се планирани на 395,4 милијарди денари, што е зголемување од 5,7 отсто во споредба со 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, или 4,8 отсто повеќе. Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од бруто домашниот производ.
За капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари, додека даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, со раст од 6,4 отсто.
За социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари, што е зголемување од 4,1 отсто. Од нив, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензиите, односно 4,8 отсто повеќе од претходниот план.
Во здравството, за Министерството за здравство се предвидени 8,127 милијарди денари, што претставува раст од 5,2 отсто во однос на буџетскиот план за 2026 година. Средства се планирани и за лекување на ретките болести и за превентивните здравствени програми.
Долгови од повеќе од 2 милијарди евра
Државата следната година треба да сервисира долг од вкупно 124,6 милијарди денари, од кои 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешниот долг. За финансирање на дефицитот и обврските се планирани домашно задолжување од 36,3 милијарди денари, 60 милијарди денари преку едногодишни државни хартии од вредност и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари.
Расправата за предлог-буџетот почна во петокот и треба да трае вкупно 10 дена – четири дена за општ претрес и шест дена за амандманска расправа. Поднесени се повеќе од 300 амандмани од овластени предлагачи. Комисијата ќе продолжи со работа во среда, по одржувањето на пленарната седница.
Tagged as:
„СЕЦИРАЊЕТО“ НА БУЏЕТОТ ЗА 2027 ЌЕ ПРОДОЛЖИ В СРЕДА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
