Со одлуката на Народната банка за воведување администрација во Алта банка АД Битола не е утврдено дека банката е несолвентна, ниту пак ѝ е одземена дозволата за работа, рече привремениот администратор на Алта банка Илија Андовски на денешната надзорна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Андовски нагласи дека станува збор за „посебна супервизорска мерка предвидена во Законот за банки со која Народната банка презема институционално постапување со цел да спречи понатамошно влошување на состојбата, да се заштити имотот на банката и да се зачуваат интересите на депонентите и доверителите.
Обврска на администраторите од Народната банка е во рок од 21 ден од именувањето да ја утврдат состојбата на банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Во однос на солвентноста на банката пред воведување на администрацијата, Андовски нагласи дека станува збор за солвентна, ликвидна банка, којашто ги исполнувала сите супервизорски стандарди.
– Приоритет во текот на администрацијата е да се заштити имотот на банката, да се управува со нејзиното работење во рамки на утврдените ограничувања со решението и да се зачува континуитетот на дозволените банкарски активности во согласност со интересите на депонентите и доверителите – изјави Андовски.
Како клучна причина за воведување на администрација, Андовски го посочи одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград од страна на Народната банка на Србија, на 30 октомври годинава, која беше доминантен акционер во Алта банка АД Битола со учество од над 95% во акционерскиот капитал.
– Со одземањето на дозволата за работа на српската банка таа повеќе не го исполнуваше законскиот услов за акционер со квалификувано учество во домашната банка. Поради тоа на 1 ноември 2026 година Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за повлекување на претходно издадената согласност на Алта банка АД Белград за стекнување квалификувано учество во Алта банка АД Битола. Повлекувањето на согласноста отвори прашања во однос на идната сопственичка и управувачка структура на домашната банка, континуитетот на нејзиното работење, функционирањето на органите на банката, како и довербата на депонентите и другите доверители. Имајќи ги предвид овие околности и потенцијалните околности врз солвентната позиција на банката Извршниот одбор на Народната банка донесе решение за воведување администрација во Алта банка АД Битола, бидејќи настанаа околности кои можат да ја загрозат нејзината солвентност – појасни Андовски.
Спроведувањето на мерката е за период од три месеци, а во однос на нејзиното спроведување Андовски рече дека се именувани тројца администратори, сите вработени во Народната банка, кои настапуваат како тим и имаат еднакви овластувања согласно надлежностите утврдени со Законот за банките.
– Со воведувањето на администрацијата согласно решението ги преземаме и овластувањата на Управниот и Надзорниот одбор на банката, како и овластувањето на Собранието на акционери. Во таа насока преземени се активности за заштита на нејзиниот имот и документација – посочи Андовски.
Андовски во текот на надзорната расправа одговараше на прашања од пратениците Благој Бочварски од СДСМ и Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, кои се однесуваа на финансиската состојба на банката.
– Во однос на солвентноста, последните расположливи супервизорски извештаи покажуваат дека банката имаше стапка на соодветност на капиталот од преку 26%. Законскиот минимум е 8%. Во однос на ликвидноста, учеството на ликвидна во вкупна актива беше околу 40%, стапката на покриеност на ликвидноста беше околу 566%. Законскиот лимит е 100%. Во однос на квалитетот на кредитното портфолио стапката на нефункционални кредити беше 2,9%, што е некаде во рамки на просекот на банкарски систем. Оттука, пред воведување на администрацијата стануваше збор за солвентна, ликвидна банка, којашто ги исполнуваше сите супервизорски стандарди – рече Андовски.
Во однос на профитабилноста на банката низ годините, Андовски рече дека во третиот квартал годинава банката бележела загуба од 48 милиони денари.
– Ваквата загуба произлегуваше од стратегијата на акционерот којшто презеде интензивни вложувања во ИТ опрема, сервери, нови дигитални канали, нови вработувања и поради растот на оперативните трошоци имаше пораст во загубата, односно банката првпат забележа загуба – рече Андовски.
Банката, нагласи Андовски, има квалитетно кредитно портфолио и загубата не произлегува од резервации од кредитен ризик и има висока стапка на соодветност на капитал, којашто може да го апсорбира овој негативен резултат.
Во однос на инволвираноста на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање во постапките за издавање дозволи и согласности, Андовски појасни дека таа ги обработува сите барања поврзани со дозволи и согласности во однос на банките и во рамки на Народната банка постои строго воспоставен систем на интерни контроли.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
