Дојави за поставени експлозивни направи утринава биле упатени за неколку авиони што сообраќале низ Европа, јави австриската новинска агенција „АПА“.
Меѓу погодените биле и летови со појдовна или крајна дестинација на италијанските аеродроми. Според италијанската новинска агенција „АНСА“, авион „Ербас А321“ на авиокомпанијата „Виз ер“ бил принуден привремено да слета на аеродромот во Виена. Авионот полетал од аеродромот Милано Малпенса, а крајна дестинација му била Варшава.
Според информациите од Финските авиолинии, закана за поставена бомба била упатена и за авион што летал од Хелсинки кон Виена. Летот го реализирала авиокомпанијата „Џетајм“, а авионот слетал на виенскиот аеродром според планираниот распоред.
Финските авиолинии соопштија и дека била упатена закана за нивниот лет од Хелсинки кон Рим. Авионот бил придружуван од борбени авиони на италијанските воздухопловни сили до крајната дестинација – аеродромот „Фјумичино“ во Рим.
Закани за поставени бомби добиле и четири авиони што летале кон Прага. Чешката полиција на социјалната мрежа „Икс“ соопшти дека се подготвува за нивното слетување, додавајќи дека, според процените, мала е веројатноста заканите да бидат реални.
„Сепак, не ја потценуваме заканата, поради што се преземени сите неопходни безбедносни мерки, со истовремено сведување на минимум на влијанието врз патниците и работата на аеродромот“, соопшти полицијата.
По слетувањето, сите авиони ќе бидат проверени од специјалисти за експлозивни направи, соопштија чешките власти.
Во Бугарија, пак, беше соопштено дека и три авиони биле принудени вонредно да слетаат. Првите два летале од Мадрид и Копенхаген кон Софија, додека третиот, на авиокомпанијата „Рајанер“, сообраќал на линијата Лондон – Софија, но морал принудно да слета на аеродромот во Пловдив, пренесе БТА.
На францускиот воен аеродром во Евре, на околу 100 километри северозападно од Париз, слетал и авион на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој реализирал редовен лет од Даблин кон Рим. Кабинетот на францускиот премиер информираше дека од авионот биле евакуирани вкупно 151 патник и шест членови на екипажот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
