Европската комисија презентираше нови упатства со кои ги повикува граѓаните на ЕУ подобро да се подготват за вонредни состојби и за катастрофи, односно да обезбедат залихи на храна, вода и основни потреби доволни за преживување во првите 3 дена додека не пристигне организирана помош од јавните служби.
Упатствата ги презентираше европската комесарка за подготвеност и управување со кризи Хаџа Лахбиб, на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел. Таа нагласи дека во време на криза, првите часови прават клучна разлика и дека секој граѓанин мора да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите. Потенцираше дека подготовката започнува во сопствениот дом, училиштата и во локалните заедници.
Главниот акцент на препораките е на тридневна самоодржливост. Комисијата ги советува граѓаните на ЕУ да имаат основни залихи во своите домови и претходно спакувана торба или ранец за итни случаи со најпотребните предмети во случај на брза евакуација, за да можат да ги задоволат своите основни потреби додека системот за помош не стане целосно оперативен на терен.
Според препораките, треба да се обезбедат 2 до 3 литри воза дневно за секој член за семејството, само за пиење, а дополнителна количина и за другите потреби, храа што не се расипува, лекови и прва помош, светилка и батерии, радио, полначи, документи, пари, топла облека и алат.
Покрај залихите за домаќинства, упатствата опфаќаат уште три клучни области: воведување кризна едукација во градинките и основните училишта преку активности соодветни на возраста и без страв, специфични мерки за заштита на лицата со попреченост за никој да не биде запоставен и појасно и побрзо соопштување на ризиците од страна на властите до јавноста.
Комисијата, исто така, предложи воведување официјален Европски ден на подготвеност, кој ќе се слави секоја година на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година. Овој датум е избран затоа што го означува воспоставувањето на Европскиот механизам за цивилна заштита во 2001 година, а неговата цел е да ги охрабри граѓаните и локалните власти редовно да вежбаат и да ја подигнуваат свеста за ризиците.
Предлогот, исто така, произлегува од препораките на Европскиот граѓански панел, во кој 150 граѓани од сите земји-членки на ЕУ повикаа на поголемо вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување.
Покрај упатствата за граѓаните, Брисел, исто така, издаде препораки за земјите-членки да спроведуваат редовни стрес-тестови и планови за континуитет на работењето. Националните центри за цивилна заштита се должни да обезбедат непречено функционирање и координација на помошта 24 часа на ден, дури и во услови на сериозни нарушувања како што се прекини на електричната енергија, дефекти на комуникациската мрежа или сајбер напади.
Иако новите упатства не се правно обврзувачки, тие се клучен дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста на кризи. Стратегијата се базира на извештајот од минатата година на поранешниот фински претседател Саули Нинисто, во кој се предупредува дека Европа мора да изгради култура на подготвеност на сите нивоа на општеството поради зголемената фреквенција на климатски катастрофи и геополитички закани.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
