Цената на нафтата на лондонската берза падна под 106 долари за барел по новите дипломатски сигнали за можно завршување на војната со Иран. Падот oд 7 долари спореден со петокот следува додека Техеран и Вашингтон ги засилуваат контактите преку посредници.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан соопшти дека врховниот лидер Моџтаба Хамнеи ѝ дал на владата овластувања за мировни преговори со САД.
Новите дипломатски контакти се одвиваат во пресрет на американските меѓуизбори, додека Катар и Пакистан посредуваат во разговорите за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормускиот Теснец.
– Се обидуваме да го решиме проблемот, односно конфликтот со САД, преку преговори. Врховниот водач на револуцијата ѝ даде на владата соодветни овластувања во врска со тоа прашање – изјави Пезешкијан, според соопштението на неговата прес-служба.
Иранската дипломатија потврди дека контактите со Вашингтон продолжуваат, но предупреди дека постигнувањето договор нема да биде едноставно.
– Можам да ви кажам дека дијалогот продолжува. Но, тоа прашање е сложено – истакна портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи нагласи дека Иран е поподготвен од кога било и за дипломатско и за воено сценарио. Според него, топката сега е во дворот на Вашингтон, кој треба да избере меѓу „мудриот пат“ на преговорите и повторување на „грешката со воената агресија“.
– Ги објавивме нашите конкретни услови и го претставивме планот што го подготвивме. Сега сè зависи од тоа дали од американска страна ќе надвладее политичката разумност и дали ќе постои волја да се избере мудриот пат на дипломатијата или, како и во претходните случаи, ситуацијата повторно ќе биде турната кон агресија и воени дејствија – изјави Арагчи во интервју за иранската државна новинска агенција ИРНА.
Тој предупреди дека секој нов воен напад или обид за измама ќе наиде на многу посилен ирански одговор од претходниот, поради кој, како што рече, напаѓачката страна ќе жали уште погорко.
– Иран нема да подлегне на притисоци – нагласи министерот.
Арагчи ја истакна активната посредничка улога на Катар и Пакистан, наведувајќи дека дипломатските контакти опфаќаат десетици телефонски разговори и интензивна размена на пораки.
Иранското Министерство за надворешни работи потврди дека комуникацијата со Вашингтон продолжува и по средбата на иранските преговарачи со катарските посредници во Доха.
Стравувањата од нова американска воена операција се засилуваат во пресрет на меѓуизборите за Конгресот на САД, закажани за 3 ноември.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека САД нема да го нападнат Иран пред изборите, но не ја исклучи можноста за продолжување на воените операции по гласањето.
Трамп ги оцени разговорите со Техеран како продуктивни, но истовремено предупреди дека американската војска би можела повторно да дејствува доколку не биде постигнат договор.
Основата за разговорите останува иранскиот предлог во седум точки, чија реализација, според Техеран, би можела да се скрати од седум на два дена.
Планот предвидува САД најпрво да ја прекинат поморската блокада на иранските пристаништа и да исполнат други барања на Техеран, по што Иран би овозможил повторно отворање на Ормускиот Теснец.
– Ако САД ги прифатат нашите услови, Ормускиот Теснец повторно ќе биде отворен, а преговорите ќе бидат обновени – изјави Арагчи.
Портпаролот Багаи нагласи дека отворањето на теснецот и обновувањето на преговорите за иранската нуклеарна програма зависат од исполнувањето на условите на Техеран.
Меѓу нив се прекинување на американската поморска блокада, олеснување на санкциите и овозможување извоз на иранска нафта.
Американскиот претседател Доналд Трамп во септември го отфрли првичниот ирански предлог за договор.
Техеран потоа го измени планот и најави дека Ормускиот Теснец би можел да биде отворен во рок од два дена доколку САД ги исполнат поставените услови.
Според иранското Министерство за надворешни работи, Вашингтон веќе испратил одговор на предложениот план, а Техеран преку катарските посредници ја пренел својата проценка за американската позиција.
Октомври заврши со највисоки цени на нафтата во последните шест месеци, поттикнати од неизвесноста околу војната на Блискиот Исток и стравувањата од нова ескалација по американските меѓуизбори.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
