Насилните антивладини протести што со недели ја потресуваат Албанија добија продолжение и во парламентот. Опозициски пратеници денеска запалија сини сигнални ракети, го блокираа пристапот до говорницата и ја прекинаа седницата, додека нивниот лидер Сали Бериша ја обвинуваше власта за насилството врз студентите.
Инцидентот се случи за време на гласањето за закон што се однесува на Централната банка, пренесува „Ројтерс“.
Пратениците на опозициската Демократска партија ја опколија говорницата, а дел од нив држеа фотографии од демонстранти повредени од гумени куршуми. Други активираа сини сигнални ракети, во бојата на партијата.
Бериша упати остри обвинувања кон владејачките пратеници, по што му беше исклучен микрофонот.
– Овие од власта се криминалци и тие заслужуваат солзавец, гумени куршуми, пукнати черепи и скршени коски, а не младите – изјави опозицискиот лидер.
Неговиот настап беше директно поврзан со протестите што од средината на октомври го зафатија центарот на Тирана, а потоа се проширија и во други албански градови.
Студентските протести започнаа поради незадоволството од сомнежите за корупција во владата, недостигот од работни места и нискиот квалитет на образованието.
Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 година и минатата година го освои четвртиот премиерски мандат.
Дел од протестите прераснаа во насилни судири. Демонстранти запалија владини згради и банки, кршеа излози и вадеа камења од тротоарите за да ги фрлаат кон полицијата.
Фотографиите од повредените демонстранти што денеска ги покажуваа опозициските пратеници беа обид полициското постапување од улиците да се стави во центарот на парламентарната расправа.
Наспроти претходните насилни инциденти, протестите оваа недела главно поминаа мирно. За сабота е најавен нов собир.
Сегашната политичка криза доаѓа по повеќемесечните, претежно мирни летни протести против луксузен проект за изградба на албанското крајбрежје, поддржан од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Октомвриските студентски протести имаат поинакви непосредни причини, но двата протестни брана го зголемија притисокот врз владата на Рама.
Според „Ројтерс“, сегашните немири се најголемиот политички предизвик за албанскиот премиер досега.
Рама во неделата најави построги мерки против насилството, меѓу кои и парични казни од 500.000 леки, односно околу 5.500 евра, за учество на протест што ќе прерасне во насилство. Според најавената мерка, казна би можеле да добијат и учесници што лично не извршиле насилни дејствија.
Истовремено, премиерот повторно ги повика студентите на дијалог и најави економски мерки, меѓу кои поевтино гориво и поголема финансиска помош за сиромашните семејства.
Но, со новиот протест најавен за сабота и денешниот инцидент во парламентот, политичката пресметка меѓу владата и опозицијата продолжува.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
