Една година по смртта на Халид Бешлиќ, јавноста повторно се интересира за богатството што го стекнал во текот на долгата музичка кариера и за тоа кој ќе го наследи неговиот имот. Според проценките што ги објавуваат регионалните медиуми, неговото богатство се проценува на околу 13 милиони евра. Сепак, оваа сума не е официјално потврдена.
Покрај песните што оставија белег кај публиката низ целиот регион, зад пејачот останаа и недвижности, деловни вложувања и права поврзани со неговата музика. По смртта на неговата сопруга Сејда, која почина неколку месеци по него, повторно се актуализираа написите за тоа кому му припаднал семејниот имот.
Според наводите што ги пренесуваат српските медиуми, Халид наводно целиот имот ѝ го оставил на сопругата, со која беше во брак речиси пет децении. По нејзината смрт, таа наводно се откажала од својот дел во корист на нивниот син Дино. Овие информации, сепак, не се официјално потврдени, па не може со сигурност да се тврди дека целото наследство е распределено на тој начин.
Според медиумските написи, имотот на Бешлиќ опфаќал неколку станови, голем имот во близина на Сараево, зграда во престижен дел од градот, бензинска пумпа и мотел. Во неговото деловно портфолио се споменува и хотел, кој, според претходни извештаи, бил затворен и запуштен.
Пејачот поседувал и недвижност во Хрватска, во местото Драче на полуостровот Пељешац. Таму планирал да ги поминува пензионерските денови, подалеку од концертите и обврските што ги носеше музичката кариера. Во медиумите се споменува куќа од околу 170 квадратни метри со базен, но деталите за нејзината конечна вредност не се официјално објавени.
Важен дел од наследството се и правата поврзани со неговите песни и дискографија, како и приходите од дигиталните платформи. По смртта на пејачот, интересот за неговата музика повторно се зголеми, што отвори и прашања за идните приходи од неговиот музички каталог.
Иако беше познат пред сè како пејач, Бешлиќ во текот на животот вложуваше и во различни деловни проекти. Имал сопствен бренд кафе, се занимавал со дистрибуција на енергетски пијалаци, а го лансирал и парфемот „Миљацка“, произведен во ограничена серија од 1.200 пакувања. Се испробал и во градежништвото, со изградба на станбена зграда во Сараево.
Во интервју за хрватскиот портал „24 сата“, пејачот отворено зборувал за причините поради кои се впуштил во бизнисот. Објаснил дека музичката професија не нуди секогаш финансиска сигурност и дека сакал да обезбеди стабилни приходи за подоцнежните години.
– Сега сè издавам под наем и живеам од киријата, така е најдобро. Одам само повремено да ги обиколам објектите и да проверам дали сè е во ред. Важно е парите да доаѓаат – изјавил тој низ смеа.
Бешлиќ тогаш признал и дека морал да подигне кредит за да ги покрие инвестициите, но верувал дека вложувањата ќе му овозможат финансиски помирна старост.
И покрај милионските проценки, пејачот остана познат по скромниот начин на живот и приврзаноста кон семејството. Неговите блиски, особено сопругата Сејда и синот Дино, секогаш ги држеше подалеку од непотребното медиумско внимание.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
