Background

Скандал во ЈП Државни патишта,фатени со рачина во мед: 9,4 милиони денари за противпожарно обезбедување на тунелот Пресека одат кај здружение чиј управител е командир на ТППЕ Охрид

Договорот, чија копија ја објавуваме, го потпишаа директорот Коце Трајановски и управителот Борко Јанкулоски. Условите се строги, а прашањата за судир на интереси сè уште се без одговор (сложни калуќери и во петок мрсат?)


Додека јавноста го следеше тендерот за обезбедување на двата тунели кај Демир Капија, ЈП за државни патишта во тишина склучи друг договор. Предмет е изнајмување противпожарно возило и опрема за тунелот Пресека, со рок од 12 месеци.

Според објава што ја проследивме, Јанкулоски е актуелен командир на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид и претседател на ДПД „Ентузијаст”. Самиот договор не го наведува тоа. Тој потврдува само дека Јанкулоски потпишува како управител на здружението!

Што пишува во договорот

  • Страни: Јавното претпријатие за државни патишта (Скопје), застапувано од директорот Коце Трајановски, како договорен орган, и Здружение ДПД „Ентузијаст Охрид-Дебрца”, застапувано од управителот Борко Јанкулоски, како „носител на набавката”.
  • Постапка: Отворена постапка бр. 52/2026, техничка спецификација бр. 10-6272/3 од 25.06.2026, оглас бр. 13265/2026 од 24.07.2026 (објавен во „Службен весник” бр. 170 од 27.07.2026) и понуда преку ЕСЈН од 20.08.2026.
  • Вредност (член 3): 7.999.998,00 денари без ДДВ, 1.439.999,64 денари ДДВ, вкупно 9.439.997,64 денари, околу 153.500 евра.
  • Времетраење (член 4): 12 месеци, од денот на доставување банкарска гаранција.
  • Гаранција (член 5): банкарска гаранција од 5% од вредноста со ДДВ (околу 472.000 денари), која се доставува во рок од пет дена по потпишувањето. Ако не се достави, ЈП ДП може едностроно да го раскине договорот.
  • Достапност (член 9): опрема и персонал 24 часа дневно, 7 дена во неделата, со интервенција „веднаш по барањето” на Контролниот центар Пресека.
  • Персонал (член 10): пожарникари во четири смени, најмалку двајца секогаш способни да интервенираат, од кои едниот со возачка дозвола од „С” категорија, а другиот со сертификат за универзална единица за заштита и спасување. За поголем пожар остатокот е „во приправност”.
  • Казна (член 6): 0,1% од вредноста на неизвршените услуги за секој ден задоцнување, најмногу 5% од вкупната вредност.
  • Раскинување (членови 18 и 19): ЈП ДП може да го раскине договорот ако носителот не го исполни или очигледно не може да го исполни.
  • Печати: на првата страна се видливи печати од 09.10.2026 (ЈП ДП) и 15.10.2026 (ДПД). Договорот е составен во шест примероци, од кои четири за ЈП ДП.
- Advertisement -
Ad image

Во договорот нема одредба за судир на интереси, изјава за интереси ниту податок кои точно возила и кој персонал ќе се користат,што само по себе наведува на криминогена дејност.

Документите приложени кон понудата

Меѓу приложените сертификати на тендерот има и две лични исправи: диплома за „пожарникар” од Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Кочо Рацин” од 2012 година на име на управителот Јанкулоски (со дигитален потпис од 20.08.2026, денот на поднесување на понудата) и сертификат за „против пожарна заштита” од Работнички универзитет „Благој Страчковски” од Велес, издаден во август 2025 година на друго лице.

Тука се отвора прашање: тендерот бараше сертификат за завршена обука за универзална единица за заштита и спасување, а приложениот сертификат е за „против пожарна заштита”. Дали тоа е истото и дали ЈП ДП го проверило, треба да се објасни.

Прашања што бараат одговор

  1. Колку изнесувала проценетата вредност на набавката? Понудата без ДДВ (7.999.998 денари) е точно два денари под осум милиони.
  2. Каква била цената на втората понуда, онаа на „Дигитал” ДООЕЛ, која претходните три години го обезбедуваше Демир Капија?
  3. Кои возила ќе се користат? Според објавата, ДПД возилата ги добило како донација. Донирана опрема не смее да служи за профит.
  4. Кои лица ќе бидат ангажирани и дали се вработени во ТППЕ или друга државна единица? Ако се, како 24-часовното ангажирање се усогласува со нивните редовни смени?
  5. Како здружение (а не трговско друштво) склучува договор од над 150.000 евра за профитна дејност? Според наводите, поврзаната фирма остварила само 200.000 денари приход во 2025 година.
  6. Дали Јанкулоски поднел изјава за интереси и дали побарал мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата?

Законската рамка

Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Сл. весник 12/2019) содржи следни одредби.

  • Член 2, став 3: „Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности.”
  • Член 8, став 2: „службено лице” се сите избрани и именувани лица и вработените во јавниот сектор.
  • Член 3, став 2: никој не смее да ја користи функцијата или положбата за да го подреди законитото дејствие на личен интерес.
  • Член 4, став 3: службеното лице е должно да внимава на евентуален судир на интереси и не смее да се раководи од лични интереси.
  • Член 51, став 1: службено лице „во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство, или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство”. Став 2: на договор склучен спротивно на ова се применуваат одредбите за ништовност од Законот за облигационите односи.
  • Член 54: државните средства се користат на „најекономичен начин и за однапред определените намени”, а забрането е да се користат за приватни цели.
  • Член 57, став 1: службено лице не смее да врши незаконско влијание во постапка за јавна набавка.
  • Член 72: службеното лице е должно да внимава на потенцијален судир на интереси, да преземе мерки за негово одбегнување, да го извести претпоставениот и, при сомневање, да побара мислење од Државната комисија.
  • Член 75, став 1: кога службеното лице ќе дознае за околности што укажуваат на судир на интереси, мора веднаш да побара изземање и да запре со постапувањето.
  • Член 66: „правните акти што се резултат на корупција или судир на интереси или се донесени, односно склучени заради корупција, односно во состојба на судир на интереси се ништовни”. Секој со правен интерес може да бара поништување, врз основа на правосилна судска одлука или одлука на надлежен орган со која е утврден судирот.
  • Член 38: Државната комисија може да изврши увид во документацијата за јавни набавки и договорите на јавните претпријатија, а при утврдени привилегии или дискриминација бара од надлежните органи мерки.
  • Член 76: постапка пред Комисијата може да се поведе по службена должност, по пријава и по анонимна пријава. Комисијата одлучува во рок од 30 дена. Ако утврди судир, лицето има 15 дена да го отстрани, а во спротивно се бара разрешување или дисциплинска постапка (член 77).
  • Членови 105 и 107: за повредите од членовите 51, 72 и 75 се предвидени прекршочни глоби од 300 до 500 евра.

Зошто договорот е спорен

Законот не вели дека командир на државна противпожарна единица не смее да склучува договори со државата. Но тој јасно кажува дека јавната должност и приватниот интерес не смеат да се мешаат, и дека државните пари мора да се трошат транспарентно и економично. Кога лице што (според наводите) прима плата од државата за противпожарна заштита, преку здружение што го води склучува договор од над 9 милиони денари со друго државно претпријатие за истата дејност, постои сериозно сомневање за судир на интереси. Тоа не го отстрануваат ниту форматот на договорот ниту отсуството на изјава за интереси.

Што се бара

  1. ЈП ДП да ја објави целата документација од постапката 52/2026: проценетата вредност, обете понуди, одлуката за избор и доказите за квалификација.
  2. Државната комисија за спречување на корупцијата да поведе постапка по членовите 38 и 76.
  3. Договорот да се суспендира и раскине веднаш, до расчистување на фактите, за да не се троши јавен пари врз потенцијално ништовна основа.
  4. Државниот завод за ревизија и јавното обвинителство да проверат дали има основ за понатамошна постапка.

Редакцијата ќе ја извести јавноста за секој одговор од ЈП ДП и од лицата споменати во текстот

Линк до тендерска документација:https://acrobat.adobe.com/id/urn:aaid:sc:EU:536e2a27-2d60-4c7e-a38c-9a672ecc9ed6

Сашо Денесовски

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖