Европската Унија се подготвува да ги убеди Канада и Велика Британија да ја зголемат поддршката за Украина, како дел од напорите за покривање на буцетскиот дефицит од 70 милијарди евра со кој Киев ќе се соочи следната година, објави „Политико“.
Самитот меѓу ЕУ и Канада на 29 и 30 октомври, како и самитот меѓу ЕУ и Велика Британија на 20 ноември, ќе му овозможат на Брисел да ја застапува својата позиција на највисоко политичко ниво.
– ЕУ и нејзините земји-членки обезбедуваат 80 отсто од надворешната помош за Украина. Итно ни е потребно да се вклучат и други партнери – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Брисел се обврза на заем од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година, со кој треба да се покријат околу две третини од потребите на Украина. Се очекува другите партнери – Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Норвешка – да обезбедат дополнителни 45 милијарди евра.
Сепак, голем дел од овие пари пристигнуваат бавно, бидејќи други влади сè уште не ја финализирале или не ја исплатиле ветената помош. Проценетите потреби за 2027 година растат во услови на засилени руски напади, додека војната меѓу САД, Израел и Иран ги зголемува трошоците, а Вашингтон зазема позиции што повеќе ѝ одговараат на Москва.
Велика Британија се обврзала на вкупно 25 милијарди фунти помош за Украина, додека Канада вети воена помош во вредност од 5,4 милијарди евра и директна финансиска поддршка од 8,2 милијарди евра.
ЕУ и нејзините земји-членки наведуваат дека од почетокот на руската инвазија во Украина обезбедиле повеќе од 231 милијарда евра за Киев.
– За време на моите средби во Бангкок, потребата да се обезбеди финансиска поддршка за Украина во 2027 година беше главна тема – изјави европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис.
Претставници на ЕУ нагласија дека притисокот не претставува критика кон Велика Британија или кон Канада, кои се силни поддржувачи на Украина. Проблемот, како што посочуваат, е во тоа што потребите на Киев постојано растат.
Ова доаѓа во период кога поддршката за Украина ќе биде ставена на тест на серија избори во Европа. Во Франција, фаворитката на крајната десница, Марин Ле Пен, вети дека ќе ја прекине помошта ако биде избрана во 2027 година. Во Италија, пак, Џорџа Мелони се соочува со предизвик од Роберто Ванначи, кој е наклонет кон Русија.
Фон дер Лајен предложи Канада да стане првиот „придружен член“ на ЕУ, а самитот во Монтреал во октомври претставува можност за понатамошен развој на идејата. Отава ќе учествува во програмата SAFE на ЕУ, која финансира заеднички одбранбени набавки.
Портпаролката на Канцеларијата на Тајниот совет на Канада, Кетрин Серио, изјави дека Отава „е и останува непоколеблив поддржувач на Украина“, посочувајќи дека земјата има обезбедено помош во вредност од речиси 26 милијарди канадски долари.
ЕУ врши притисок и врз Јапонија да го зголеми својот придонес, иако Токио веќе ѝ обезбеди на Украина помош од околу 20 милијарди долари.
Австралија, пак, соопшти дека сè уште не добила барање за дополнително финансирање за 2027 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
