Двајца турски државјани се лишени од слобода, а полицијата трага по уште едно лице поради сомнение дека извршиле обид за убиство врз двајца нивни сонародници во стан во скопската населба Карпош.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, кривична пријава по брза постапка е поднесена против К.М. (36) и С.Б.П. (22), двајцата државјани на Турција, поради основано сомнение дека заедно со уште едно лице извршиле кривично дело.
Според полицијата, осомничените во стан на подрачјето на Карпош физички нападнале две лица од Турција, на возраст од 26 години, при што со остар предмет им нанеле повреди. Во станот во моментот на настанот се наоѓале и две женски лица.
По нападот, осомничените побегнале од местото на настанот. По преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, К.М. и С.Б.П. биле пронајдени и лишени од слобода на улицата Јадранска магистрала во Скопје.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на третото лице осомничено за учество во нападот.
Основното јавно обвинителство Скопје потоа извести дека донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 3 лица, државјани на Република Турција кои како соизвршители учествувале во дејствија на кривично дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
„Едниот од нив со дејствија на помагање ги одвел другите двајца, им ја покажал точната локација и шифрата од влезот на зграда на улицата Прашка, каде престојувале други двајца турски државјани. Осомничените влегле во станот и со повеќе убоди со нож со умисла се обиделе да го лишат од живот еден од оштетените. Другиот се обидувал да ги оттргне, но и тој бил повреден во раката“, соопшти Обвинителството.
Потоа сите тројца осомничени се обиделе веднаш да ја напуштат државата преку граничниот премин Блаце, се додава во соопштението.
„Двајца биле запрени и приведени и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор. Еден од осомничените, односно помагачот, според информациите од граничните власти, успеал да избега во Косово и за него надлежниот јавен обвинител предложи притвор од пронаоѓање и лишување од слобода, а со цел за него да биде распишана меѓународна потерница“, соопшти Јавното обвинителство.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
