Владата ја усвои Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со која се утврдуваат приоритетите за современи геолошки истражувања, одговорно управување со минералното богатство и создавање услови за долгорочни инвестиции, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според Министерството, со долгорочниот план ќе се создадат услови за подобро искористување на геолошкиот потенцијал на Македонија и негово претворање во инвестиции, индустриски развој, нови работни места и поголема додадена вредност за домашната економија.
„Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, кој вклучува олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник. Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира посилно поврзување на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Подобрените геолошки истражувања ќе овозможат попрецизно утврдување на потенцијалот и навремено планирање на идните инвестиции. Со тоа се отвора простор за нови деловни активности и зајакнување на домашните производствени капацитети“, наведува Министерството.
Оттаму додаваат дека паралелно се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес.
Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и со Европскиот акт за критични суровини, што, според Министерството, создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири.
Документот е подготвен во рамките на стручната соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со учество на експерти и консултации со релевантни институции и претставници на стручната јавност.
Стратегијата е усвоена од Владата на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и претставува долгорочна рамка за развој на геолошките истражувања и рударството до 2046 година.
„Со овој документ се создава основа минералното богатство да не биде само предмет на експлоатација, туку и двигател на домашната индустрија, инвестициите и долгорочниот економски развој, со одговорно управување и зачувување на животната средина“, информира Министерството.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
