Силен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени ја погоди Панама на 9 октомври, предизвикувајќи оштетувања на згради, цркви и патишта, како и евакуација на жители во повеќе делови од земјата. Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ја опиша состојбата како „голема катастрофа“, а според најновите извештаи, најмалку две лица се повредени. Засега нема пријавени смртни случаи.
Мулино соопшти дека патиштата во најтешко погодените области се „целосно уништени“, но повика граѓаните да останат смирени.
„Она што се случи не смее да се користи за ширење паника или предизвикување немири“, напиша претседателот на платформата Икс (X).
Земјотресот предизвика оштетувања на повеќе објекти, меѓу кои и цркви, јавни згради и хотели. Во Пенономе беа оштетени објекти во централното градско подрачје, а пријавени се и оштетувања на патната инфраструктура.
Според податоците на Американскиот геолошки институт (USGS), земјотресот се случил во близина на Питалоза Ариба, во јужниот дел на Панама, на длабочина од околу 12,6 километри.
По главниот потрес следувале повеќе од 80 последователни потреси, од кои еден бил со магнитуда над шест степени, објави Франс прес.
Поради земјотресот, граѓаните во повеќе области ги напуштиле зградите, продавниците и училиштата. Владата ја откажала попладневната настава, а работата на меѓународниот аеродром „Токумен“ била привремено прекината заради безбедносни проверки. Подоцна аеродромот продолжил со работа.
По земјотресот било издадено предупредување за цунами за крајбрежни области на повеќе земји долж Тихиот Океан, меѓу кои Панама, Колумбија, Костарика, Еквадор, Перу, Никарагва, Гватемала, Ел Салвадор и Мексико. Се предупредувало на можни опасни бранови, високи од еден до три метри во одделни крајбрежни подрачја. Предупредувањето подоцна било укинато.
Надлежните служби продолжуваат со процената на штетите по силниот земјотрес.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
