Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше на договорот што го објавија претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, за испорака на руски дизел на американскиот и на светскиот пазар. Зеленски предупреди дека секое ублажување на ограничувањата за извоз на руски енергенси ќе ѝ овозможи на Москва да обезбеди дополнителни средства за финансирање на војната против Украина, пренесе германската новинска агенција ДПА.
– Да ѝ се дозволи на Русија да продава нафтени деривати е инвестиција во војната, која треба да биде запрена, а не продолжена – изјави Зеленски.
Украинскиот претседател повторно ја потврди подготвеноста на Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии доколку Москва се согласи да ги прекине нападите врз украинските енергетски постројки.
– Токму таков договор ѝ предлагаме на Америка и веруваме дека моќта на САД е доволна за да се постигне таков компромис – додаде Зеленски.
Острата реакција од Киев следува откако Трамп изјави дека Русија се согласила да испорачува дизел-гориво за американскиот и за светскиот пазар со цел да помогне во намалувањето на цените.
Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), Трамп синоќа наведе дека Путин се согласил со испораките за време на телефонски разговор меѓу двајцата лидери, кој американскиот претседател го оцени како „исклучително успешен“.
Трамп, чија Републиканска партија се соочува со сè поголемо незадоволство поради високите цени на горивата во пресрет на изборите за американскиот Конгрес на 3 ноември, изјави дека Русија веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони дизел. Според неговите најави, во ноември треба да следуваат уште 500.000 тони, а кратко потоа и еден милион тони. Во зависност од состојбата на руските рафинерии, во краток период би можеле да бидат испорачани и дополнителни три милиони тони, додаде тој.
Кремљ го потврди договорот, наведувајќи дека Русија е подготвена да испорачува нафта и нафтени деривати на сите пазари.
По изјавата на Трамп, американското Министерство за финансии издаде привремено исклучување од санкциите против Русија, со кое се дозволуваат продажба, испорака, истовар и увоз на руски дизел до 7 април 2027 година.
Енергетските аналитичари сметаат дека најавените испораки претставуваат мал дел од глобалната побарувачка за дизел и дека веројатно нема значително да влијаат врз цените. Сепак, договорот претставува уште еден нагол пресврт во пристапот на Вашингтон кон Москва, кој често се менува, забележува ДПА.
Трамп се соочува со сè поголем домашен притисок поради растот на цените на горивата пред изборите за американскиот Конгрес. Цените растат на глобално ниво поради војната со Иран и нарушувањата во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, клучна рута за светските испораки на нафта.
Американскиот претседател во повеќе наврати го обвини Зеленски за глобалниот недостиг од дизел и ја повика Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии.
Во објавата на социјалната мрежа Трамп наведе и дека договорот со Русија, во комбинација со, како што тврди, „целосната контрола“ на Вашингтон врз Ормуската Теснина, ќе доведе до нагло намалување на цените на дизелот.
„Пониските цени за Американците, особено за нашите одлични земјоделци, сточари и возачи на камиони, се мој најголем приоритет“, напиша Трамп.

