Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска во Културниот дом во село Лескоец се одржа свечениот настан „Од востание до независност – 85 години борба, 35 години независност“.
На настанот кој беше во организација на Општина Охрид, свое обраќање имаше градоначалникот, Кирил Пецаков.
– „На 11 Октомври, пред 85 години, македонскиот народ избра храброст. Тоа беше денот кога надежта за слобода прерасна во одлучност, а одлучноста во борба која остави траен белег во нашата историја.
Овој голем празник е симбол на стремежот за достоинство и сведоштво за хероите кои во најтешките времиња се спротивставија, се жртвуваа и истрајаа во својот идеал за слободна Македонија. Нивното дело не треба да го паметиме само како дел од минатото, туку и како вреден аманет за иднината.
Во народноослободителната борба, Охрид и Дебрца имаат своја важна страница. Овие наши простори не останаа неми сведоци на времето, туку активно учествуваа во отпорот и ја платија својата цена за слободата. Многу борци и патриоти го избраа патот на отпорот, а за идејата за слободна Македонија многумина наши сограѓани го дадоа највредното, својот живот.
Затоа, кога денес го одбележуваме 11 Октомври, ја чествуваме и нашата локална историја, како неразделен дел од борбата за слободна татковина.
Почитувани, историјата не учи дека големите промени секогаш започнуваат со луѓе кои веруваат во подобро утре. Денес, таа одговорност е кај нас. Ние мораме да бидеме генерацијата која будно ќе го чува наследството што го добила и ќе остави нешто вредно за поколенијата што доаѓаат.
11 Октомври е наше потсетување дека слободата не е само право, туку и обврска, секојдневно да создаваме општество во кое се почитува човекот и во кое младите ќе ја гледаат својата перспектива.
Нека е вечен споменот на хероите, нека е честит Денот на народното востание! Нека е вечен Охрид и нека е вечна Македонија!“, истакна градоначалникот Пецаков.
Свеченоста беше збогатена со театарско-сценскиот перформанс на актерите Владо Дојчиноски, Перуника Киселички, Дубравка Киселички и Марија Спиркоска Илиеска, придружувани од ученици од ООУ „Ванчо Николески“. Програмата беше збогатена со настап на хорот на истоименото училиште и музичките изведувачи Ѓоко Чеменкоски, Стефан Чеменкоски, Бојан Маркоски и Никола Илиоски.
Во рамки на свечената програма утревечер во културниот центар „Култ“ ќе се одржи изложбата на уметнички дела „Созерцанија“ на уметникот Томислав Танески. Во недела на 11-ти октомври предвидено е полагање на свежо цвеќе на спомен обележјата на народното востание.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
