Ситните линии или брчките што ги гледате во огледалото се јасен потсетник дека вашето тело старее. Губењето на колаген придонесува за некои од првите видливи знаци на стареење – процес што очигледно започнува уште во дваесеттите години од животот. Сепак, нова студија сугерира дека консумирањето големи количини колагенски пептиди во форма на прашоци и пијалаци нема значително да го запре овој процес – и покрај тврдењата на бројни компании, славни личности и инфлуенсери.
Статија во која се објаснуваат недостатоците на истражувањата за колагенските суплементи наменети за спречување на стареењето на кожата беше објавена во списанието *Journal of Cosmetic Dermatology*. Автори се биостатистичарот Дејвид Роберт Грајмс и дерматологот Анџали Махто.
При анализата на мета-анализи објавени во 2021 и 2023 година, авторите откриле бројни грешки. Во една анализа дури се тврдело дека наод кој не бил статистички значаен, всушност *бил* статистички значаен, пренесува *Science Alert*. Кога Грајмс и Махто ги коригирале податоците, не пронашле статистички значајна поврзаност помеѓу дозата на колаген и подобрувањето на хидратацијата или еластичноста на кожата.
Хидролизираниот колаген е форма на колаген разграден на пептиди. Тоа го прави полесен за растворање и, веројатно, полесен за варење. Сепак, за пептидите да делуваат и да обезбедат ефект на зацврстување или исполнување на кожата, тие мора да стигнат до дермисот – средниот слој на кожата. Иако некои студии врз животни потврдуваат дека тоа се случува со колагенот, недостасуваат истражувања врз луѓе.
„И покрај растечката популарност на суплементите со хидролизиран колаген за ублажување на стареењето на кожата, тековните клинички докази се методолошки слаби, недоследни и подложни на пристрасност“, истакнуваат авторите.
Иако колагенот потенцијално би можел да игра улога во дерматологијата, тие нагласуваат дека неговото моментално пласирање на пазарот како докажан лек против стареење е „прерано и научно неосновано“.
Грајмс и Мато тврдат дека суплементите со колаген не треба да бидат дел од рутината за нега на кожата – иако инфлуенсерите на Инстаграм секојдневно ни ги претставуваат – бидејќи едноставно не постојат истражувања што ја потврдуваат вистинската ефикасност на колагенот. „Сè додека не се појават такви докази, употребата на суплементи со колаген не треба да се промовира ниту да се препорачува во дерматолошката пракса“, заклучуваат тие.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
