Двата трговски брода што ноќеска беа погодени во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море биле нападнати со комбинирана употреба на морски и воздушен дрон, потврди бугарскиот премиер Румен Радев. Засега нема официјална потврда кој стои зад нападот, а Радев вели дека се разгледуваат можностите дека дроновите биле руски или украински.
Нападот се случил околу 3 часот наутро, на околу 70 наутички милји, односно околу 130 километри источно од Бјала. Потонатиот брод „Алфа Ватан“ („Alfa Watan“), кој пловел под знаме на Того, претрпел критични структурни оштетувања и потонал. Неговиот екипаж сè уште се смета за исчезнат, а бугарските спасувачки служби продолжуваат со потрагата. Засега не е познато ниту што превезувал бродот.
Вториот брод, „Абле“ („Able“), под знаме на Палау, исто така бил погоден и на него избувнал пожар, но не потонал. Сите 18 членови на екипажот се спасени и префрлени кон Варна. Двајца морнари се потешко повредени – индиски морнар има изгореници, а турскиот капетан има повреда на главата. Според бугарските информации, „Абле“ бил натоварен со жито и пловел кон Истанбул.
По состанокот со претставници на надлежните институции, Радев го оцени нападот како „грубо погазување на меѓународното право и воопшто на морското дело“. Бугарскиот премиер порача дека земјата ги презела сите потребни мерки, а во спасувачката операција се вклучени и воени хеликоптери и авион Су-25.
Сè уште не е утврдено од каде точно дошле дроновите. Радев изјави дека допрва ќе се утврдува потеклото на нападот и дека според досегашните информации станува збор или за руски или за украински дронови. Во меѓувреме, Ројтерс објави дека првичните проценки упатуваат на руска вмешаност, а бугарскиот весник „24 часа“ објави дека според свои извори дроновите биле руски, но „ова засега не е официјално потврдено од бугарските власти“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
