Литванија направи историски чекор кон укинување на уставната забрана за распоредување нуклеарно оружје на нејзина територија. Парламентот во Вилнус денеска во прво читање го поддржа предлогот за промена на Уставот, со која би се отстранила повеќедецениската забрана за распоредување нуклеарно оружје и отварање странски воени бази.
За конечна промена се потребни уште едно парламентарно гласање и потребното двотретинско мнозинство.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа претходно изјави дека безбедносната ситуација во Европа значително се променила и дека Уставот бил напишан во услови што денес се суштински различни. Тој нагласи дека во моментов нема конкретен план за складирање нуклеарно оружје во Литванија, туку целта е да се отстрани правната пречка доколку во иднина се донесе таква одлука во рамките на НАТО.
Промената доаѓа во момент кога балтичките држави го зајакнуваат својот одбранбен систем поради воената конфронтација со Русија. Литванија граничи со руската Калининградска област и со Белорусија, а на нејзина територија се гради инфраструктура за постојано стационирање на германска бригада.
Москва веќе реагираше остро. Кремљ денеска оцени дека укинувањето на забраната, заедно со можноста за зголемување на американското воено присуство, претставува потенцијална ескалација во регионот.
Литванија не е единствената земја во регионот што ја преиспитува досегашната политика. Финска, која се приклучи на НАТО во 2023 година, исто така почна процес за укинување на својата долгогодишна законска забрана за нуклеарно оружје. Во септември, пак, Летонија соопшти дека е отворена за учество во француската иницијатива за нуклеарно одвраќање, но Летонија нема уставна забрана за распоредување нуклеарно оружје која треба да се укине.
Литванскиот потег затоа има пошироко значење за источниот крилo на НАТО. Доколку уставната промена биде усвоена и во второто гласање, земјата формално ќе ја отстрани правната пречка за евентуално идно распоредување нуклеарно оружје од сојузниците, без тоа да значи дека такво оружје веднаш ќе биде донесено во Литванија.

