Смртта на Дарја Шипилова (28), вработена во Институтот за борба против чумата во Иркутск ја зголеми загриженоста од ширење на речиси искоренетата болест, поради што соседните земји на Русија ги зголемија санитарно-епидемиолошките контроли на границите, а другите држави внимателно ја следат ситуацијата.
Различни информации и шпекулации се појавија по веста дека на 2 октомври во болница во Шелехов почина Шипилова, која кон крајот на септември беше примена во болница со тешко воспаление на белите дробови. Неименувани нејзини колеги изјавија дека таа случајно скршила епрувета каде имало бактерија јерсиниа пестис (yersinia pestis), која предизвикува чума.
Руските власти од самиот почеток тврдат дека нема сомнителен случај на чума во Иркутск и покрај тоа што официјално е потврдено дека 197 луѓе, кои биле во директен или индиректен контакт со Шипилова, се во изолација, од кои 189 се во болнички карантин.

Порталот Народот од Бајкалот објави дека од 1 октомври луѓето кои биле во контакт со Шипилова се во карантин и на тестирање се носат со возила на брзата помош, но со вооружена придружба од припадниците на Федерална служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ).
Вирологот од Сибир, Александар Чепурнов тврди дека строгите протоколи што се применуваат се воведени со цел да се спречи понатамошно ширење на болеста.
– По секоја сомнителна изложеност вработените имаат обврска веднаш да пријават, да спроведат деконтаминација, да поминат низ медицинска процена и да бидат изолирани во посебен, наменски објект онолку долго колку што можат да бидат заразни – рече Чепурнов.
Градската управа на соседниот град Бајклск на 3 октомври објави апел до граѓаните да избегнуваат патувања во Шелехов и околните места поради потврден смртен случај од чума. Но, апелот набрзо беше отстранет од официјалните службени канали.
И претставникот на соседната република Бурјатија, Алексеј Циденов изјави дека може да станува збор за белодробна чума.
Според соопштението на Националната агенција за јавно здравје на Русија, Роспотребнадзор, лаборантката починала од пневмонија со непозната етиологија, а во земените примероците од 28-годишната пациентка не се откриени „микроорганизми поврзани со нејзините професионални активности“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера побара од новинарите да се потпираат на официјалните изјави од Роспотребнадзор, а не на гласини или шпекулации.
– Главната агенција надлежна за оваа област е Роспотребнадзор и нејзините официјални изјави, а не разните гласини и шпекулации. Во Роспотребнадзор работат висококвалификувани професионалци, да ги следиме нивните официјални соопштенија – посочи Песков.
Руската служба за санитарен надзор вчера соопшти дека кај неколку лица кои биле во контакт со жената што почина од пневмонија со непозната етиологија во Иркутската област, се дијагностицирани ковид и инфекција со риновирус.
„Лабораториските испитувања потврдија два случаи на ковид-19 и два случаи на инфекција со риновирус. Кај ниту едно од лицата кои биле во контакт не се откриени други патогени на заразни болести“, се наведува во соопштението.
По веста за смртта на лаборантка соседните земји Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Казахстан ги засилија санитарно-епидемиолошките мерки на граничните премини по информациите за можен случај на чума во руската Иркутска област.
Но, веста за појава на белодробна чума го предизвика вниманието и на САД и на Европската Унија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека САД внимателно го следат случајот со лаборантката која почина во Сибир.
– Не мислам дека ова е причина за тревога, но ситуацијата бара следење. Патувањата меѓу САД и Русија се, се разбира, многу ограничени, сепак, како и за сè што ќе излезе во јавноста, веста за тоа брзо се шири – наведе Рубио.
И американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „многу сериозно“ го разгледуваат пријавениот случај на чума во Русија и дека се подготвени да ѝ помогнат на Москва.
– Ќе им помогнеме, ќе им помогнеме колку што можеме – посочи Трамп.
Портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнцирова изјави дека Европската комисија ја следи ситуацијата во источна Русија поради сомнителниот случај на белодробна чума.
– Запознаени сме со извештаите за инцидентот што се случи во лабораторија во Русија, во кој, според сите извештаи, е вклучен причинителот на чума. Во контакт сме со претставници на Европскиот центар за превенција и контрола на болести и многу внимателно ја следиме ситуацијата -наведе Хрнцирова.
Аналитичарот Вил Кеј од Фокс њуз истакна дека проблемот е што белодробната чума може да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки. Инкубацијата може да трае само еден ден. Инфектологот д-р Амес Адалџа изјави дека ја загрижува тоа што руските власти не се однесуваат како да станува збор за чума, туку за нешто сосема друго, поопасно.
Патем, на Фоск њуз беше истакнато дека во светот постојат над 2.000 лаборатории за биолошки истражувања од кои речиси половината се во САД.
Д-р Николас Халшер од фондацијата МекКалоу вели дека нема потреба од паника бидејќи 97 отсто од случаите на чума успешно се лекуваат со доксиклицин. Исто го посочи и Кеј, додавајќи дека ова не е средниот век кога од чума умреле околу 20 милиони луѓе.
д-р Мери Талеј Боуден вели дека во псоледните 47 години во САД имало 15 случаи на белодробна чума, а петмина од заболените починале.
Чумата е ендемична во Сибир, каде што се појавила и првата праисториска епидемија на оваа болест кај луѓето. Сепак, ретко се случува луѓе во Русија да заболат од чума. Бактеријата јерсиниа пестис ја има ширум светот, со исклучок на Океанија.
Во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) за периодот од 2019 до 2025 година се наведува дека 10 држави пријавиле 3.860 сомнителни случаи на чума. Во Демократска Република Конго, Кенија, Мадагаскар, Уганда, Кина и во Монголија имало и 2.646 лабораториски потврдени случаи, а регистрирани се 423 смртни случаи.
Бактеријата јерсиниа пестис обично се наоѓа кај мали цицачи и нивните болви. Човекот најчесто се заразува ако биде каснат од заразена болва, со контакт со инфицирано животинско ткиво или со телесни течности.
Белодробната чума е форма на чума што се пренесува директно од човек на човек преку капки од дишните патишта. Периодот на инкубација е релативно краток, а симптомите, како што се тешкотии со дишењето и кашлање, обично се појавуваат во рок од 24 часа од заразата.
Бидејќи чумата е бактериска инфекција се лекува со антибиотици, што треба да се земат 24 часа по појавата на симптоми. Доколку инфекцијата не се лекува веднаш може да настапи смрт до 48 часа. Пациентот со белодробна чума мора да биде изолиран за да се спречи пренесување на болеста, а лицата кои биле во блиски контакти со заболениот, треба да примат превентивна терапија. Стапката на смртност се движи од 30 до 100 проценти.
Според експертите мала е веројатноста од проширување на белодробната чума од Сибир поради ограничените патувања од и во Русија.
Вирологот од американската Организација за вакцини и заразни болести, Анџела Расмусен изјави дека нема причина за загриженост оти постои низок ризик од масовно ширење на болеста, бидејќи белодробната чума не се пренесува лесно од човек на човек.
Таа посочи дека за човекот да се зарази од друго лице потребно е да биде изложен на големо количество бактерии. За разлика од вирусите што брзо се шират по воздушен пат (како ковид-19), белодробната чума има многу низок степен на рутински пренос од човек на човек.
Tagged as:
МИСТЕРИОЗНАТА СМРТ НА ЛАБОРАНТКА ОД СИБИР ГО ВОЗБУДИ СВЕТОТ ДЕКА ЧУМАТА ЌЕ СЕ ВРАТИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
