Се анализираат и се прават нови пресметки за подобрување на студентскиот стандард – најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која по пуштањето на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, одговараше на новинарски прашања за стандардот и за капацитетите за сместување во домовите за студентите.
Јаневска потврди дека во Министерството се стигнати две иницијативи за подобрување на студентскиот стандард.
– Ние ги анализираме и правиме пресметки и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение во рамките на нашите буџетски можности и тоа ќе им биде соопштено на студентите. Јас исто така повеќепати сум рекла дека ќе има приоритети и еве, ова е приоритет – нивното живеење и нивните услови за учење се приоритет. За еден-еден и пол месец ќе се видиме во „Кузман“ и тоа се, јас ги кажав, средствата што се трошат – изјави Јаневска.
Министерката за образование и наука истакна дека минатата година инвестирале во опремување на лабораториите на факултетите.
– Односно, нагледните средства, каде што тие учат и работат. Така што верувам дека и сите нивни барања со тек на време ќе ги исполниме, повторувам, во рамките на буџетските можности – рече Јаневска.
Прашана дали се прифатливи барањата на студентите за подобрување на студентскиот стандард, Јаневска истакна дека во тек се пресметките.
– Ви кажав дека сè уште анализираме, ќе видиме и заедно со студентите се надевам ќе изнајдеме некакво заедничко решение, кое ќе биде прифатливо за сите нас, повторно во рамките на буџетските можности – истакна Јаневска.
Таа додаде дека студентите што ги исполнуваат условите веќе се сместени во студентските домови во Скопје
– Ви кажав дека сите студенти се сместени. Сместени се во „Гоце“, сместени се во овој дом. Во овој дом сè уште има неколку празни соби, сметајќи го и сместувањето на бруцошите. Кога ќе ги сместиме и бруцошите, ниеден студент нема да остане без студентска соба, ако исполнува услов – рече Јаневска.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
