На масата во Белата куќа при посетата на кинескиот претседтел Си Џинпинг не се служела само храна. Државната вечера со Трамп била внимателно спојување на американски состојки, кинески влијанија и историски потсетници на моментите кога Вашингтон и Пекинг ги топеле меѓусебните односи.
Белата куќа и официјално го опишала менито како комбинација од „американски состојки со суптилно кинеско влијание“, а подготовките ги предводела првата дама Меланија Трамп.
Најдиректната дипломатска порака, всушност, била во чашите.
Вечерата започнала со „Schramsberg Blanc De Noir“, американско пенливо вино избрано како потсетник на историскиот „Тост за мир“ на Ричард Никсон и кинескиот премиер Џоу Енлај во Пекинг во 1972 година. Истото американско пенливо вино било послужено и на тој историски настан.
Токму посетата на Никсон во 1972 година станала пресвртница во приближувањето меѓу САД и Кина. Повеќе од половина век подоцна, Белата куќа намерно го вратила тој симбол на масата на Трамп и Си.
И храната го следела истиот принцип.
Првото јадење било кремасто велуте од жолта тиква со шумски печурки, панчета и масло од млад кромид. Потоа дошло јадењето со највидливо азиско влијание – бранцин во кора од печен сусам, сервиран со бок чој, печен модар патлиџан и зелен сос.+
Наместо говедски стек како главно јадење, на масата доминирала рибата. Но вечерата не била целосно пескатаријанска, како што објавија дел од медиумите, бидејќи првото јадење содржело панчета.
За десерт била послужена ванила крема со вишни, оревов франжипан и сладолед направен со мед од Белата куќа.
Симболиката не завршила во чиниите. Во Источната соба на Белата куќа биле поставени црвени цветни аранжмани, додека за вечерата бил користен порцелан од времето на Роналд Реган.
И списокот на гости кажувал нешто за темите што стоеле зад дипломатскиот спектакл.
Меѓу поканетите биле Илон Маск, Тим Кук, Џеф Безос, Сем Алтман, Сундар Пичаи и Џенсен Хуанг – луѓе чии компании биле директно вклучени во технолошката и економската конкуренција меѓу САД и Кина.
Вечерата имала и сосема поинаков вкус од една славна средба на Трамп и Си во 2017 година. Тогаш, во Мар-а-Лаго, Трамп го информирал кинескиот лидер за американскиот ракетен напад врз Сирија додека двајцата биле на десерт.
Трамп подоцна раскажал дека пред нив во тој момент стоело „најубавото парче чоколаден колач“ што може да се замисли. Зад десертот, сепак, се одвивала многу посериозна сцена – американскиот претседател му соопштил на Си дека САД лансирале 59 ракети кон Сирија.
Разликата меѓу двете вечери била впечатлива. Во 2017 година во приказната за колачот се вмешала војната, а овојпат Белата куќа посегнала по симболи од времето кога Вашингтон и Пекинг почнале да го кршат дипломатскиот мраз.
И самиот Трамп на вечерата се навратил на подолгата историја на американско-кинеските односи, додека Си потсетил на соработката меѓу Кинезите и Американците за време на Втората светска војна.
Овојпат наместо чоколадниот колач во центарот на вниманието се нашле вино старо колку модерната дипломатска приказна меѓу двете земји, сусамот и бок чојот, црвената декорација и медот од Белата куќа.
Tagged as:
Менито од вечерата на Трамп и Си носи силна порака
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
