За 34 лица е намален бројот на загинати во сообраќајни незгоди во првите осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Од јануари до август 2025 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период годинава загинале 62 лица. Тоа претставува намалување од 35,42 отсто.
Намален е и вкупниот број на настрадани лица. Лани во првите осум месеци биле регистрирани 4.731 настрадано лице, а годинава 3.868, односно 863 лица помалку или намалување од 18,24 отсто.
Во истиот период бројот на сообраќајни незгоди е намален од 5.485 на 4.840, што претставува пад од 11,76 отсто.
Особено е значајно намалувањето на бројот на незгоди со смртни последици. Од 82 такви незгоди во првите осум месеци од 2025 година, годинава бројот е намален на 54, односно за 34,15 отсто.
Намалување има и кај сообраќајните незгоди со телесни повреди – од 2.291 на 1.896, односно за 17,24 отсто, додека незгодите со материјална штета се намалиле од 2.518 на 2.362, или за 6,20 отсто.
Бројот на лица со телесни повреди е намален од 3.949 на 3.116, што е намалување од 833 лица, односно 21,09 отсто.
Единствено бројот на лица со тешки телесни повреди останал на приближно исто ниво. Во првите осум месеци од 2025 година биле регистрирани 686 такви лица, а годинава 690.
МВР укажува дека значењето на овие резултати станува поголемо ако се земе предвид подолгогодишниот тренд на висок број жртви во сообраќајот.
Од 2010 до 2025 година, бројот на лица што годишно го загубиле животот во сообраќајни незгоди се движел меѓу 116 и 198. Во 2019 и во 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица.
Според Министерството, тоа покажува дека во подолг период немало суштинско и одржливо намалување на бројот на жртвите.
Позитивната промена во 2026 година МВР ја поврзува со интегриран пристап кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности.
Системот „Безбеден град“ започна со санкционирање на сообраќајните прекршоци на 1 февруари 2026 година.
Прекршоците се детектираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата до граѓаните се доставуваат преку СМС-порака и електронска пошта.
Од МВР велат дека станува збор за промена од повремени полициски контроли кон континуирано и автоматизирано следење на сообраќајот. Според нив, на тој начин се зголемува извесноста дека детектираниот прекршок ќе биде процесиран, се намалува просторот за субјективно постапување и се влијае превентивно врз однесувањето на учесниците во сообраќајот.
Министерството оценува дека резултатите во првите осум месеци покажуваат промена во безбедноста на патиштата и најавува продолжување на засилените контроли, како и унапредување и проширување на системот „Безбеден град“.
Целта, како што наведуваат од МВР, е бројот на сообраќајните незгоди дополнително да се намалува, со помалку повредени и помалку загубени човечки животи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
