Background

Слабости во планирањето, спроведувањето на тендерите и реализацијата на договорите за јавни набавки утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во АД ЕСМ – Скопје

Слабости во планирањето, спроведувањето на тендерите и реализацијата на договорите за јавни набавки утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во АД ЕСМ – Скопје.

Ревизијата била спроведена како ревизија на усогласеност и се однесува на јавните набавки кои имале реализација во 2024 година. Во рамките на ревизијата биле опфатени 27 постапки, од кои две биле спроведени во 2022 година, 19 во 2023 година, а шест во 2024 година.

По овие постапки, во 2024 година ЕСМ презел обврски во вкупен износ од 8,858 милијарди денари, или околу 143,57 милиони евра. Ревизорите оцениле дека планирањето, спроведувањето на постапките и реализацијата на склучените договори не биле во согласност со релевантната законска регулатива, плановите и договорите во сите материјални аспекти.

Проблеми уште при планирањето

- Advertisement -
Ad image

Една од главните забелешки на ревизорите се однесува на начинот на кој ЕСМ ги планирал јавните набавки. Годишниот план бил изготвуван врз основа на податоци од претходно склучени договори, без соодветно истражување на пазарот и без користење на можноста за технички дијалог. ДЗР утврдил и случаи на неосновано определување на проценетата вредност на набавките, како и недоволно аналитички пристап при утврдувањето на потребите на друштвото.

Иако ЕСМ имал донесено упатство за спроведување на набавките, во него, според ревизорите, немало доволно прецизни насоки за утврдување на потребите, количините и проценетата вредност.

Како последица, во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки. Според ДЗР, тоа влијаело врз ефикасноста на постапките, планирањето на финансиските средства, роковите, транспарентноста и предвидливоста.

Ревизорите потврдиле и дел од состојбите наведени во Извештајот за црвени знаменца за 2024 година на Бирото за јавни набавки, меѓу кои значителен број измени и дополнувања на огласите и тендерската документација, како и поништени и обжалени постапки.

Кај 6 компании – 70 отсто од набавките!

ДЗР обрнал внимание и на концентрацијата на набавките. Дел од ревидираните постапки се однесуваат на договори со шест економски оператори, кои учествуваат со повеќе од 70 отсто од вкупната вредност на склучените договори во 2024 година. Имало и постапки во кои била доставена само една понуда.

Според ревизорите, овие состојби упатуваат на ограничена конкуренција, слабости при подготовката на документацијата и намалена транспарентност, а со тоа и на зголемен ризик од неекономично и неефикасно трошење на јавните средства.

Платен гасен мотор, но не бил ставен во функција

Меѓу конкретните случаи што ги издвојува ДЗР е набавката на гасен мотор, спроведена со постапка со преговарање без објавување оглас.

Ревизорите не можеле да ја потврдат оправданоста на повикувањето на крајна итност. За моторот бил исплатен значителен дел од договорната вредност – 153,283 милиони денари, односно околу 2,48 милиони евра.

Но, и покрај тоа, моторот не бил ставен во функција и подолго време бил складиран без да бидат обезбедени услови за негово користење. Според ДЗР, тоа укажува дека биле преземени договорни обврски без однапред обезбедени услови за инсталирање и оперативно користење на опремата.

Утврдено е и дека дел од набавените стоки и услуги не биле искористени или не биле целосно реализирани.

За адитив платени 2,3 милиони евра, а на најголемиот дел му истекол рокот

Како друг пример ревизорите ја наведуваат набавката на адитив, за која биле платени 141,6 милиони денари, или околу 2,29 милиони евра. Најголемиот дел од адитивот останал неискористен, а во меѓувреме му истекол рокот на употреба.

ЕСМ, исто така, платил 106,2 милиони денари, односно околу 1,72 милиони евра, за активности поврзани со дислокација на опрема која потоа не била ставена во употреба.

ДЗР оценува дека ваквите случаи претставуваат финансиски загуби и нерационално користење на јавни средства и негативно влијаат врз извршувањето на дејноста на друштвото.

Договори за осигурување зголемени за 68 милиони денари

Ревизијата опфатила и постапка за јавна набавка на осигурителни услуги спроведена во 2022 година, поделена на 10 дела. Во 2023 година биле склучени договори за шест дела, со вкупна вредност од 355,486 милиони денари, или околу 5,8 милиони евра, со рок на реализација од две години.

Подоцна, со анекси, вредноста на договорите за три дела била зголемена за дополнителни 68,204 милиони денари. Според ревизорите, тоа е проблематично бидејќи стручната комисија претходно оценила дека понудените цени не се пазарни, а проценетата вредност на набавката била зголемена со измена на одлуката за јавната набавка.

Дополнително, пред истекот на договорите, нивното времетраење било продолжено.

Во осигурителните полиси бил наведен и агент или брокер, како и друштво за застапување, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација. Не била обезбедена ниту документација со која би се потврдиле обемот и придобивките од таквото посредување.

Спецификациите „кроени“ за конкретен бренд?

Ревизорите утврдиле слабости и во техничките спецификации и условите со кои понудувачите требало да ја докажат својата способност. Во одделни случаи, техничките спецификации биле поставени на начин што можел да упатува на конкретен дизајн, бренд или овластен производител.

Истовремено, условите за докажување на финансиската, техничката и професионалната способност не секогаш биле сразмерни со предметот на набавката.

Кај дел од постапките не била спроведена целосна и детална проверка на доказите доставени од понудувачите. Кај испорачаните стоки и услуги, пак, во одредени случаи недостигала соодветна техничка, атестна и друга документација.

ДЗР утврдил и случаи во кои биле прифатени суштински измени на техничките карактеристики дури по извршената испорака, што, според ревизорите, го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.

Анекси без доволно образложение и набавки над законскиот праг

Слабости биле утврдени и во реализацијата на договорите. Во одделни случаи договорите биле менувани со анекси без доволно убедливо образложение, додека за некои услуги немало документација со која би се потврдиле оправданоста и обемот на извршените активности.

Ревизорите утврдиле и дека во 2024 година бил надминат законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка, во износ од 81.644 евра. ДЗР оценува дека ова укажува на потреба од правилно толкување на Законот за јавните набавки и воспоставување соодветна контрола кај набавките под вредносниот праг.

Во извештајот се дадени препораки до ЕСМ, чија реализација, според ДЗР, треба да придонесе за поголема транспарентност и конкуренција, подобар квалитет на набавките и поекономично, поефикасно и поефективно користење на јавните средства.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation