Пожарот кај Селци и Локов ги измачи екипите на терен, натрупани суви гранки и цели пресечени дрвја го отежнаа гаснењето, а доброволци од Битола со денови се бореа со огнот. Жариштето сега е под контрола и остана активна само кратка линија, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
ДЗС сега ќе утврдува зошто на теренот имало толку многу исечена вегетација. Дел од дрвјата останале на земјата и добро се исушиле.
– Овде огнениот тим на ДЗС, составен од доброволци од Битола, се измачи, бидејќи има премногу исечена вегетација – рече Ангелов.
Екипите интервенираа и од воздух. Според Ангелов, користеле ертрактори и хеликоптер, но сувата вегетација го отежнувала гаснењето.
– Со овој пожар се измачивме и, како што веќе реков, сè уште има еден активен дел, но тој не претставува закана за околните населени места, ниту пак гори квалитетна шума – рече Ангелов.
Активна остана и една локација кај Рамно. ДЗС денес дејствува со сите три ертрактори и очекува целосно да го изгасне пожарот.
– Во овој момент немаме алармантни пожари, сите пожари се ставени под контрола, но сè уште е активен пожарот на Рамно, на само една локација. Врз него денес дејствуваме со трите ертрактори и очекуваме да биде целосно изгаснат – рече Ангелов.
Под контрола е и пожарот кај Белица, во насока кон ловиштето „Јасен“. Ангелов рече дека не претставува опасност за ловиштето.
Огнот таму се движи ниско по земјата, а екипите не му дозволуваат да го премине сртот.
– Добро е тоа што не горат борови и дрвја, односно пожарот се одвива ниско по земјата – рече Ангелов.
Пожарот кај Коштионак е целосно под контрола. Екипите претходно цел ден дејствуваа со полициски хеликоптер.
Ангелов предупреди дека опасноста не поминала. Вчера во земјава имало над 30 пожари на отворено.
– За жал, сезоната на пожари на отворен простор сè уште не е завршена. Вчера повторно имавме над 30 пожари – рече Ангелов.
Очекуваниот дожд во Западна Македонија помогна само на неколку локации. Најмногу придонесе за догасувањето на пожарот над Вруток.
Ангелов нагласи дека состојбата може да се промени и во текот на денот.
– Тоа не значи дека во попладневните часови нема да се појават нови пожари. Затоа апелирам до граѓаните да бидат внимателни – рече Ангелов.
ДЗС сега ги очекува најавените посериозни врнежи за сабота и за недела. Ако прогнозата на УХМР се оствари, Ангелов очекува тие да го означат крајот на долгата сезона на пожари.
– Нестрпливо ги очекуваме. Доколку нивните прогнози се остварат, тогаш би требало да дојде и крајот на оваа сезона на пожари – рече Ангелов.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
