Компанијата Google ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра (15,1 милијарди долари) во изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција во Финска во следните две години и го потпиша својот прв договор за нуклеарна енергија надвор од САД, соопшти денеска компанијата.
Инвестициите ќе вклучуваат центри за податоци, подобрувања на електричната мрежа и проекти за чиста енергија и батерии што ќе ги поттикнат услугите како што се Gemini, Search, Maps и YouTube, соопшти Гугл.
Ова е најголема поединечна инвестиција на технолошкиот гигант во Европа досега.
Проектот, кој е планиран за реализација во периодот меѓу 2027 и 2028 година, треба да овозможи изградба на најмалку три нови центри за податоци (data centers), како и дополнително проширување на нивниот постоечки голем центар во крајбрежниот град Хамина. Новите локации ќе бидат во Кајани, Мухос и Вала во северниот дел на земјата. Google претходно купи земјиште во северна Финска за евентуална изградба на центри. Локациите беа избрани за да се искористи постојната електрична мрежа во близина на извори на енергија без јаглерод.
-Овие локации, лоцирани на силни точки на електричната мрежа, придонесуваат за целокупниот електроенергетски систем и во исто време овозможуваат економски развој на мрежата- изјави Аста Сихвонен-Пунка, извршен директор на операторот на преносниот систем Фингрид.
Центрите за обработка на податоци ќе бидат подготвени и за системи за обновување и користење на отпадната топлина.
Телекомуникацискиот оператор Elisa и провајдерот на мрежна инфраструктура Nokia ќе обезбедат поврзување на новите центри за обработка на податоци, според соопштението.
„Новата дигитална инфраструктура ќе служи како градежни блокови за финската и пошироката европска дигитална подготвеност, иновации и развој на вештачката интелигенција“, соопшти компанијата.
Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека одлуката на Гугл е „јасен доказ за нашите силни страни“.
-Вредноста на економијата на податоци се протега многу подалеку од директните инвестиции во поттикнување на иновации, истражување и развој – додаде тој.
Компанијата проценува дека проектот за време на фазата на изградба ќе поддржи повеќе од 37.000 работни места низ целата земја, од кои приближно 16.000 ќе бидат во градежниот сектор. Откако системите ќе станат целосно оперативни, се очекува изградбата на овие дата центри да придонесе со 3,6 милијарди долари во финскиот БДП и да поддржува околу 7.000 работни места годишно.
Компанијата склучи и 22-годишен договор со финската државна енергетска компанија Fortum за откуп до 50% од капацитетот на нуклеарната централа Ловиса. Ова е нивен прв договор за нуклеарна енергија надвор од САД. Дополнително ќе се инвестира во ветерни паркови и батериски системи за стабилизација на мрежата.
-Ова е првиот договор за нуклеарна енергија на Google надвор од САД и сметаме дека тоа е навистина важен камен-темелник за сè што правиме тука – изјави во Хелсинки главната инвестициска директорка на американската компанија, Рут Порат.
Google објави дека ја проширува и енергетската инфраструктура потребна за имплементација на проекти, склучува нови договори за користење на енергијата на ветерот и инсталира систем на батерии од 94 мегавати на локацијата во Кајани, што ќе придонесе за балансирање на електричната мрежа.
Fortum и Google, исто така, ќе го истражат развојот на нова нуклеарна и обновлива енергија во Финска, соопштија компаниите.
Во својата изјава, компанијата Фортум изјави дека долгорочниот договор за купување обезбедил економска сигурност за доживотно продолжување и надградба на електраната Ловииса до 2050 година. Централата се наоѓа во близина на центарот за податоци Хамина на Гугл.
Цената на акциите на Фортум порасна за 10% надминувајќи го зголемувањето од 1,4% на индексот на акции во Хелсинки.
Финска е избрана поради нејзината студена клима (што драстично ги намалува трошоците за ладење на серверите) и изобилството на стабилна, нискокарбонска електрична енергија.
Освен обилните количини на енергија со ниски емисии, студената клима на Финска ги намалува трошоците бидејќи ја намалува количината на енергија потребна за справување со топлината произведена од центрите за податоци.
Во последниве години, многу центри за податоци се лоцирани во нордиските земји поради даночните олеснувања и достапноста на обновлива енергија. Финска ја зголеми стапката на обновлива енергија во последните неколку години.
Аналитичарите сметаат дека потрошувачката на енергија во центрите за податоци значително ќе се зголеми поради користењето на вештачката интелигенција, што Google го наведе како една од причините за својата инвестициска одлука.
Гигантот најави уште една инвестиција во Европа. Засега е познато дека Google сака да изгради нови центри за податоци во Холандија и Белгија.
„Алфабет“ во чиј состав е Гугл оваа година ги зголеми своите глобални инвестиции на помеѓу 195 и 205 милијарди долари, бидејќи се стреми да ја опфати растечката побарувачка за компјутери.
За Финска, оваа инвестиција ќе претставува значителен поттик во време кога земјата се обидува да го врати економскиот раст.
Нордиската земја се соочува со слаба побарувачка, колапс во трговијата со соседна Русија и последици од фискалното затегнување насочено кон ставање на јавните финансии под контрола. Стапката на невработеност надмина десет проценти и достигна највисоко ниво во Европската Унија.
Годинава и други технолошки компании најавија инвестиции во Европа . Amazon изјави дека ќе инвестира 33,7 милијарди евра до 2035 година за да ја зајакне својата инфраструктура во облак и центри за податоци во Шпанија, додека Microsoft изјави во септември минатата година дека ќе вложи 30 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција и постојните операции во Велика Британија до 2028 година.
Tagged as:
ГУГЛ ЌЕ ИНВЕСТИРА 13 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ДАТА-ЦЕНТРИ ВО ФИНСКА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
