Сипаниците кај овците се проширија на 64 потврдени жаришта во државата. Досега се евидентирани околу 10.000 угинати овци, според информациите со кои располага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, рече дека институциите секојдневно ја следат состојбата. Најмногу жаришта, вкупно 50, има во Источниот регион. Седум жаришта има во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион.
Тој побара сточарите веднаш да ги пријавуваат сомнителните случаи. Апелираше и сточарите да не користат заедничка опрема без претходна дезинфекција.
Следењето на епидемиолошката состојба откри и еден од главните ризици. Заразата може да се пренесува при стрижењето преку ножици кои не се соодветно дезинфицирани.
Институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини. Помош се бара преку Европската комисија, Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО.
– Обезбедувањето вакцини нема автоматски да значи започнување на вакцинацијата. Одлуката ќе се темели на стручна проценка на епидемиолошката состојба, ризикот и можните ветеринарно-здравствени и економски последици од вакцинацијата – истакна Серафимовски.
Сточарите чии стада ги погоди болеста ќе добијат обесштетување. Во тек се проценките и подготовките за обезбедување пари. Агенцијата за храна и ветеринарство веќе го утврди моделот за обесштетување.
Министерот предупреди дека дел од проблемите со ширењето на заразата произлегуваат од непочитувањето на превентивните мерки.
– Свесни сме дека за многу семејства сточарството е основна дејност и извор на егзистенција, но мора да се почитуваат мерките. Шест месеци не е дозволено на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд – нагласи Серафимовски.
Институциите ја следат состојбата и во соседството. Серафимовски рече дека одржаа работна средба со надлежните институции во Србија. Се следи и состојбата во Грција поради ризикот од други заразни болести кај добитокот.
– Засега најголем предизвик за нас остануваат сипаниците кај овците и правиме сè за да го амортизираме ударот и да спречиме натамошно ширење на болеста – изјави Серафимовски.
Бројот на ризични подрачја постојано се менува според епидемиолошките анализи на надлежните служби.
Tagged as:
Сипаниците кај овците се проширија на 64 потврдени жаришта во државата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
