Background

ФОТОВОЛТАИЦИТЕ СЕ ВО ПОДЕМ, НО СИСТЕМОТ НА ДОЗВОЛИ Е ХАОТИЧЕН

Македонија бележи историски раст на производството на струја од сонце и бум на инвестициите во фотоволтаици, но институциите не успеале да воспостават ефикасен, координиран и целосно законски усогласен систем за издавање дозволи, утврдува Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Во конечниот извештај за успешност, објавен во јули 2026 година, ревизорите констатираат сериозни системски слабости, недоволна координација и надзор, како и случаи на незаконско постапување при одобрувањето на фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ).

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) покажуваат дека во 2025 година обновливите извори првпат стануваат доминантни според инсталираниот капацитет – 58 проценти, односно 1.842 мегавати во 1.606 централи. Во вкупното производство на струја ОИЕ учествуваат со 46 проценти, наспроти 54 проценти од термоелектроцентралите и комбинираните постројки.

- Advertisement -
Ad image

Најголем раст има кај фотоволтаиците: производството во 2025 година е 15 пати поголемо од 2022 и 38 проценти повисоко од 2024 година. Фотоволтаиците сочинуваат 81 процент од објектите од обновливи извори и 48 проценти од нивната вкупна инсталирана моќност. Во плановите сѐ поголемо место имаат и ветерните електроцентрали.

Ревизијата го опфаќа периодот од 2022 до мај 2025 година и утврдува дека системот не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање и координирано постапување. Дел од процедурите биле неефикасни, создавајќи правна несигурност за инвеститорите и простор за различно толкување на прописите.

Иако новиот Закон за енергетика од мај 2025 година носи подобрувања во планирањето, ревизорите предупредуваат дека доцнењето на подзаконските акти и недостигот од надзор го загрозуваат неговото спроведување.

Фотоволтаици без индикативен план

Еден од главните наоди е дека до мај 2025 година фотоволтаиците се градат без донесен Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори. Планот требало да биде основа за утврдување на потребите на системот и можностите за приклучување нови производители.

Поради неговото недонесување, дел од одобренијата за градење се издаваат само врз основа на Законот за градење, без предвидените согласности од енергетската регулатива.

Најсериозните забелешки се однесуваат на три фотонапонски централи со моќност од 19, 174 и 337 мегавати. Станува збор за објекти од прва категорија и од државно значење, за кои надлежност има Министерството за транспорт, а потребна е и одлука од Владата.

Сепак, дозволите се издадени на локално ниво, што според ДЗР е спротивно на законските прописи. Во еден случај инвеститорот платил над 112 милиони денари комуналии, а Владата подоцна го одбила барањето за овластување за изградба. Ревизорите предупредуваат на можни сериозни правни и финансиски последици за државата.

Стотици лиценци, проблеми со приклучувањето на мрежата

РКЕ од 2022 до 2025 година издала 19 привремени и 937 трајни лиценци за производство на струја од фотоволтаични централи, со вкупна инсталирана моќност од 682 мегавати.

Но, дел од инвеститорите се соочиле со проблеми при приклучувањето на мрежата. До РКЕ се доставени 106 приговори против одлуки на мрежните оператори, а половина се уважени. Ревизорите утврдиле и случаи на издавање формални мислења за можност за приклучување без целосна анализа на техничките услови на терен.

Нецелосни регистри и недостиг од кадар

Дополнителен проблем е нецелосниот Регистар на електроцентрали. Иако лиценци добиле повеќе од 1.040 производители на струја од фотоволтаици, во официјалниот регистар се заведени само околу 525. ДЗР предупредува дека тоа го отежнува планирањето, мониторингот и контролата. Проблем е и слабата интероперабилност меѓу институциите, која го забавува прибирањето документација и издавањето дозволи.

Ревизијата констатира и сериозен недостиг од стручен кадар. Во 2022-2023 година секторот за енергетика во тогашното Министерство за економија бил пополнет со само 34 проценти од предвидените места, а соодветниот сектор во Министерството за транспорт со 42 проценти.

На локално ниво состојбата е уште полоша. Во Демир Капија и Илинден немало градежен инспектор во периодот 2022-2025 година, а во Илинден местото е непополнето уште од 2017 година. Во Свети Николе, по март 2025 година, немало ниту еден градежен инспектор, па не бил спроведен ниту еден надзор според Законот за градење.

На централно ниво биле извршени само 47 контроли на техничката опрема во фотоволтаичните централи, што ревизорите го оценуваат како недоволно со оглед на брзиот раст на секторот.

Отпадот од панелите – нов ризик

ДЗР предупредува и на потенцијален еколошки проблем. Сончевите панели имаат животен век од 15 до 30 години, по што стануваат електронски отпад кој мора соодветно да се третира.

Иако во земјата веќе се инсталирани значителни капацитети, сѐ уште нема целосно регулиран систем за управување со овој отпад. Министерството за животна средина и просторно планирање нема донесено конечна категоризација за отпадот од фотоволтаичните панели и батериските системи за складирање електрична енергија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation