Германските истражители открија нови детали за обидот за напад со беспилотно летало врз украински товарен авион на аеродромот во Лајпциг, а клучните индиции водат директно до Србија, пишува германскиот неделник „Шпигел“, повикувајќи се на извори во локалните безбедносни кругови.
Еден од осомничените за нападот во Лајпциг е поврзан со маж кој беше уапсен во Србија во јуни за поседување експлозиви. Според „Шпигел“, на 11 јуни, српската полиција запрела два автомобила што се движеле кон Европската Унија во близина на унгарската граница. Во нив биле Данило Б., кој има српско и руско државјанство и српскиот државјанин Слободан Д.
Полицијата пронашла делови од модифициран дрон и контролни единици во првиот автомобил, додека во вториот, во скриен преграден простор, открила конзерви полни со експлозив. И двајцата се во притвор од јуни, а германските власти сега ја проверуваат нивната директна врска со осомничените во акцијата во Лајпциг – еден од Белорусија и еден со двојно државјанство на Русија и на Латвија.
Покрај тоа, истражителите ги реконструираа движењата на осомничените и открија дека еден од нив избегал во Русија по операцијата преку рутата преку Србија и Истанбул. Поради сето ова, европските разузнавачки служби ја означуваат Србија како „жариште“ за руска саботажа низ цела Европа, наведувајќи дека руските служби таму регрутираат и обучуваат оперативци за теренски операции.
Идентичниот метод на изработка на уредот веднаш го привлекол вниманието на истражителите. Во Лајпциг, околу 600 грама од екстремно деструктивниот пластичен експлозив Семтекс, кој го користи и армијата, бил ставен во метална конзерва прикачена на дрон, точно исто како и во конзервите запленети на српската граница.
Самиот напад во Лајпциг се случи на 4 август и беше спречен само од комбинација на околности. Беспилотно летало што носеше експлозиви влета во паркирани украински товарни авиони Антонов и го погоди крилото на еден од авионите, но експлозивната направа не можеше да детонира поради неисправен осигурач. Авионот во кој удрил дронот имал полни резервоари за гориво, а само еден ден претходно транспортирал воена помош и муниција во Украина.
Аеродромот „Лајпциг/Хале“ е клучен логистички центар за операциите на НАТО и испораката на оружје во Киев.
Истражителите утврдија дека урнатиот дрон бил значително модифициран: имал дополнителна батерија за поголем дострел, камера, 5-Г рутер и две СИМ картички, немал надворешни светла и можел да се контролира од голема далечина преку мобилна мрежа. На блиско дрво била пронајдена и посебна антена која служела како засилувач на сигналот.
Пресврт во истрагата донесоа ДНК трагите изолирани од дронот, антената и конзервата со експлозивот Семтекс, кои биле споредени преку бази на податоци во Литванија и Финска. Истражителите, исто така, го поврзуваат еден од осомничените со претходна саботажа во полскиот град Лоѓ, каде што бил запален пожар во голема продавница за градежни материјали „Лерој Мерлин“ во јули 2024 година. Иако првично се сметало дека биле запалени инсектициди, полското обвинителство подоцна докажало дека станува збор за руска саботажа.
Според разузнавачките проценки на неколку европски служби, најмалку четири мрежи на саботери под директна контрола на Москва моментално се активни на територијата на Европската Унија, а полицијата проверува дали и други летала учествувале во операцијата во Лајпциг. Имено, истата ноќ, товарен авион на DHL удрил во непознат летечки објект при слетувањето.
Поради целиот случај, германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт јавно изјави дека руските државни структури стојат директно зад нападот. Како знак на одмазда, Берлин нареди затворање на рускиот конзулат во Бон и протерување на неговиот персонал, и го раскина договорот со Руската куќа во Берлин. Москва возврати тврдејќи дека станува збор за монтиран процес и провокација и ги затвори германските Гете-институти и конзулатот во Санкт Петербург.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
