Српскиот државјанин Д.П. од Чачак платил вкупно 3.000 евра казна во Македонија, откако двапати бил регистриран дека вози со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената на автопатот кај Демир Капија.
Својот случај тој го раскажал за српските медиуми, притоа признавајќи дека направил прекршок, но опишувајќи го враќањето од Грција како исклучително тешко искуство. Во автомобилот биле и неговите две малолетни деца.
Според неговото сведоштво, прво околу четири часа чекале на граничниот премин Евзони-Богородица, а потоа, по пристигнувањето на Табановце, бил задржан уште околу седум часа поради претходно направените сообраќајни прекршоци.
– Откако поминав низ пекол на преминот Евзони-Богородица, бидејќи со децата чекав со часови, уште поголем пекол ме дочека на Табановце. Поради двете пречекорувања ме задржаа уште седум часа, а со мене беа и двете малолетни деца – изјавил Д.П.
Тој тврди дека постапката траела подолго бидејќи службениците на почетокот не знаеле како да постапат во конкретниот случај.
Поради тоа биле повикани службеници од Центарот за социјална работа од Неготино, кои, според неговото сведоштво, пристигнале околу 3 часот по полноќ. Потоа Д.П. и неговите деца биле упатени во хотел.
Следниот ден, иако била недела, му било организирано судење пред дежурен судија. Според неговото сведоштво, судот му изрекол казна од 1.500 евра, која морал веднаш да ја плати.
Втората казна од 1.500 евра се однесувала на неговото претходно пречекорување на брзината.
Д.П. не го оспорува прекршокот и признава дека возел многу над дозволената брзина.
– Радарите кај Демир Капија двапати ме снимија како возам двојно побрзо од дозволеното. Казната ја платив бидејќи сум свесен за направениот прекршок и навистина поминав низ пекол. Затоа сакам да ги предупредам сите возачи кои патуваат низ Македонија строго да внимаваат на ограничувањата – изјавил тој.
Според податоците објавени од македонските надлежни институции, на 22 јули Д.П. бил регистриран како вози со 163 километри на час на делница каде што ограничувањето било 80 километри на час.
На 20 август, на истата делница, повторно бил фатен со прекумерна брзина – овојпат возел 169 километри на час, при истото ограничување од 80 километри на час.
Претходно, Основното јавно обвинителство Кавадарци соопшти дека за двете прекршувања Д.П. ќе плати вкупно 3.000 евра, односно по 1.500 евра за секој од двата случаи поврзани со кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Случајот привлече внимание и во српските медиуми, кои неговото искуство го опишаа како „пекол“, додека двојното пречекорување на дозволената брзина го нарекоа „бизарна грешка“.
Самиот Д.П., сепак, преку своето сведоштво испрати порака до другите возачи од Србија кои транзитираат низ Македонија, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, особено на делниците каде што контролата се врши со радари.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
