Новак Ѓоковиќ доживеа непријатно враќање на теренот по паузата по Вимблдон. Српскиот тенисер беше елиминиран во првиот меч кој беше дел од второто коло на мастерсот во Синсинати, откако Аргентинецот Тијаго Агустин Тиранте го совлада со 2:6, 6:4, 6:4.
Поради замор во еден момент падна на колена, потоа повраќаше, и извика – нозете ми откажуваат.
Резултатот остана во втор план поради здравствените проблеми на 39-годишниот Ѓоковиќ, кој тешко ги поднесе жештината и високата влажност во Охајо.
Новак го почна мечот убедливо и првиот сет го доби со 6:2. Ништо во тие моменти не навестуваше дека ќе следува целосен пресврт. Србинот ја контролираше играта, а Тиранте, кој првпат во кариерата играше против него, тешко наоѓаше решение.
Проблемите почнаа во вториот сет. За време на една од паузите Ѓоковиќ изгледаше како да повраќа, а потоа побара и медицинска помош. Условите за игра беа исклучително тешки – температурата беше околу 31 Целзиусов степен, со влажност на воздухот од околу 69 проценти. По медицинскиот тајмаут тој продолжи да игра, но веќе не изгледаше како тенисерот кој доминираше во првиот сет.
Тиранте ја искористи промената на теренот. Аргентинецот го освои вториот сет со 6:4, а потоа издржа и во решавачкиот сет. Ѓоковиќ се обидуваше да го скрати времетраењето на поените и да остане во мечот, но во завршницата направи неколку скапи грешки. Тиранте повторно славеше со 6:4 и ја забележа најголемата победа во својата кариера.
По мечот, Ѓоковиќ призна дека има здравствени проблеми кои траат веќе подолг период.
– Прво, честитки до мојот противник. Искрено, ова воопшто не беше пријатен натпревар за мене. Така се чувствував. Не е прв пат, претпоставувам дека нема да биде ни последен, но што е поентата? Временските услови не беа одлучувачки… Едноставно е здравствен проблем што го имам. Ме мачи веќе неколку години. Имам многу проблеми, особено кога влажноста и топлината се високи. Бев свесен за временските услови, но влијаат и други работи – нервозата и сè што оди со натпреварот. Сето тоа ја прави ситуацијата уште полоша, тоа ми се случи мене – рече Ѓоковиќ по разочарувачката елиминација во Синсинати.
Србинот додаде дека многу се големи шансите следната година воопшто да не се појави на овој турнир.
Поразот е уште понеочекуван ако се има предвид историјата на Ѓоковиќ во Синсинати. Тој е трикратен шампион на турнирот, а последната титула ја освои во 2023 година, кога во незаборавното финале го победи Карлос Алкараз по три часа и 49 минути игра. Пред годинашниот настап имаше серија од десет последователни победи на овој турнир.
За Тиранте, кој деновиве првпат се проби меѓу најдобрите 50 тенисери во светот, ова е победа на кариерата. Аргентинецот сезонава веќе покажа дека може да ги изненади најдобрите, а минатата недела го совлада и Тејлор Фриц во Монтреал. По победата над Ѓоковиќ не ги криеше емоциите и Србинот го нарече најголемиот тенисер на сите времиња.
За Ѓоковиќ, пак, поважно од раната елиминација ќе биде колку брзо ќе закрепне. Синсинати беше неговиот прв меч по поразот во полуфиналето на Вимблдон и важна проверка пред УС Опен, каде што ќе се обиде да стигне до рекордната 25. гренслем-титула. Начинот на кој неговото тело реагираше на жештината во Охајо сигурно не е она што го посакуваше во пресрет на последниот гренслем во сезоната.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
