Американскиот носач на авиони „Џорџ Вашингтон“ кој моментно се наоѓа во Тихиот Океан, се упатил кон Блискиот Исток, по информациите за проблеми со менталното здравје на екипажот и со снабдувањето на долго ангажираниот носач „Абрахам Линколн“.
„Линколн“ е распореден на Блискиот Исток од јануари, каде во рамки на американските операции против Иран е на море повеќе од 240 дена. Продолжената мисија предизвика загриженост во Конгресот поради наводни проблеми со снабдувањето, условите на бродот и со менталното здравје на екипажот.
Неколку конгресмени од редовите на Демократите побараа од Пентагон објаснување за извештаите за влошените услови и проблемите со менталното здравје на екипажот, за кои американскиот министер за одбрана Пит Хегсет рече дека „целосно погрешно прикажани“. Тој рече дека американската морнарица се грижи секој брод, екипаж и капетан да го имаат сето она што може да им биде обезбедено во секој момент.
„Линколн“ беше мобилизиран на 21 ноември минатата година и во јануари беше пренасочен кон Блискиот Исток, пред почетокот на американската воена операција против Иран, која почна на 28 февруари. Првично беше планирано да се врати во САД во мај.
Носачот „Џорџ Вашингтон“ минатата недела го напушти пристаништето во виетнамскиот град Дананг, а потоа е забележан како минува низ Сингапурскиот Теснец, во придружба на крстосувач и разурнувач. Претставник на американската морнарица потврди дека носачот се наоѓа во Малајскиот Теснец што ги поврзува Тихиот и Индискиот Океан.
Според американски претставник, испраќањето на „Џорџ Вашингтон“ за замена на „Линколн“ било планирано однапред.
Демократски конгресмени побараа истрага и поголема транспарентност во врска со условите на „Линколн“. Сенаторот Ричард Блументал наведе извештаи за недостиг на основни залихи, проблеми со водата и со водоводот, влошено ментално здравје, безбедносни проблеми и нарушувања во доставата на пошта.

