Во Охрид вчеравечер беше одбележан Меѓународниот ден на младите, во рамки на „Недела на млади 2026“, која ја организира Младински Центар Охрид.
Централната прослава се одржа пред хотелот „Палас“, каде свечено беа доделени наградите за најдобрите идејни архитектонски решенија од јавниот конкурс за новиот Младински Културен Центар во Охрид.
Свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
– Ми претставува особено задоволство што денес, на Меѓународниот ден на младите, сум заедно со вас, со цел да го истакнеме вашиот придонес, вашата креативност и вашата важна улога во развојот на нашата заедница.
Овој ден е можност да покажеме дека поддршката за младите не е само декларативна заложба, туку континуирана обврска и конкретна политика на Општина Охрид.
Младите не се само иднината на нашиот град. Тие се неговата сегашност, неговата енергија и неговиот најголем потенцијал за развој. Затоа, нашата обврска како локална самоуправа е да создадеме услови младите да имаат простор, можности и поддршка за да ги реализираат своите идеи.
Во изминатиот период Општина Охрид посветено работеше на градење конкретни младински политики. Го воспоставивме Младинскиот центар, Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, донесовме Локална стратегија за млади, а преку различни програми и активности создаваме можности за активно младинско учество.
Но, денес правиме уште еден значаен чекор. Денес ги претставуваме резултатите од конкурсот за идејно архитектонско решение за новиот Младински културен центар во Охрид. Ова е избор на визија за еден простор кој треба да биде ново место за младинска креативност, култура, образование, дружење и иницијативност.
Од просторот на поранешната касарна, сакаме да создадеме место со нова функција, простор кој ќе им припаѓа на младите и место каде што тие ќе можат да бидат креативни и продуктивни.
Избраното идејно решение е важна појдовна точка за следната фаза, а тоа е изработката на основниот проект и понатамошната реализација на Младинскиот културен центар.
Им честитам на наградените авторски тимови, а благодарност упатувам и до сите учесници на конкурсот кои со својата креативност и стручност придонесоа овој процес да добие квалитет и значење.
Верувам дека со реализацијата на Младинскиот културен центар ќе создадеме уште еден важен столб на младинските политики во Охрид. Место каде што младите нема само да доаѓаат, туку ќе создаваат. Место каде што идеите нема само да се кажуваат, туку ќе се претвораат во дела.
И токму тоа е целта на нашата младинска политика, да создадеме услови младите да останат, да се развиваат, да творат и активно да учествуваат во сите сфери на општественото живеење во Охрид.
Ви го честитам Меѓународниот ден на младите и ви посакувам многу нови иницијативи и заеднички успеси. Верувам дека и во иднина ќе имаме уште многу убави поводи да се среќаваме, да создаваме и заедно да ги славиме успесите на младите и на нашиот Охрид, истакна Пецаков во своето обраќање.
Присутните имаа можност да се запознаат со наградените трудови од конкурсот, а авторите да ги претстават своите идеи и визии за идниот младински центар. Идејните решенија беа презентирани на видео бим и беа изложени на просторот на настанот.
Одбележувањето на Меѓународнито ден на младите се реализираше под мотото „Different Contexts, Common Aspirations“, со кое се истакнуваат различноста на младите, но и нивните заеднички стремежи и аспирации.


Tagged as:
ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МЛАДИТЕ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
