На граничните премини меѓу Хрватска и Црна Гора – Карасовиќи (Дебели Бријег) и Витаљина (Конфин) – од раните утрински часови е забележан целосен сообраќаен колапс. Според информациите од терен, се формирала редица возила долга повеќе од 20 километри, која се протега сè до Чилипи и Жупа Дубровачка.
Според официјалните податоци од Хрватскиот автомобилски клуб (ХАК), објавени од N1 БиХ, чекањето за преминување на границата е повеќе од десет часа, додека возачите заглавени во редицата истакнуваат дека некои застои траат многу подолго.
Хрватски „Индекс“ пишува дека, според неофицијални информации од терен, чекањето на границата со Црна Гора наводно е до 28 часа.
Сообраќајот кон населбата Груда и околните градови е целосно блокиран, поради што на локалните жители им се препорачува да користат споредни селски патишта. Поради екстремно високите температури, многу патници излегуваат од своите автомобили и бараат освежување покрај патот.
Градоначалникот на општина Конавле, Божо Ласиќ, изјави дека оваа ситуација е неприфатлива, нагласувајќи дека жителите со часови се спречени да стигнат до своите домови.
Обезбедена е цистерна за вода за да им помогне на патниците заглавени на високите температури.
Локалните жители им делат вода на возачите и на патниците во километарскиот конвој, а ги нудат и тоалетите во нивните домови.
Општина Конавле, која според пописот од 2021 година има околу 8.600 жители, моментално е оптоварена со пристигнување на околу 10.000 возила, односно речиси 40.000 луѓе кои во транзит чекаат за преминување на границата. Главно станува збор за возила со француски, италијански и германски регистарски ознаки, чии крајни дестинации најчесто се Албанија и Косово.
На граѓаните на ЕУ на границата само им се скенира пасошот или личната карта, но и таа процедура бара одредено време. Полицијата се обидува да ги пренасочи возилата по споредните патишта во Конавле за да овозможи непречен пристап до аеродромот. Меѓутоа, колоната утрово стигна до раскрсницата кон Поповиќи, што значи дека до аеродромот останал уште само еден слободен километар. Доколку се исполни и тој дел, целата дубровничка ривиера би можела да се најде во сериозна, досега незабележана сообраќајна блокада. Во тој случај, до Дубровник и од Дубровник би можело да се стигне само со брод или по магистралниот пат кон Пељешац, додека воздушниот сообраќај, како и врските кон Конавле и Црна Гора, би биле сериозно загрозени.
Ситуацијата веќе сега е оценета како исклучително ризична бидејќи е отежнат пристапот на итните служби. Проблем претставува фактот што од Конавле кон Општата болница Дубровник води само еден пат – од аеродромот, преку Жупа Дубровачка, до Дубровник.
„Ги молам сите жители на Конавле да ги одложат сите патувања со автомобили кои не се неопходни, за да ги избегнеме дополнителните метежи и опасности кои ги носи ваквата ситуација. Верувам кое оваа тешка ситуација конечно ќе ги поттикне надлежните трајно да го решат проблемот со сообраќајните метежи и долгите чекања на граничниот премин Карасовиќи“, објави началникот на Општина Конавле, Божо Ласиќ на Фејсбук.
На сите возачи кои планираат патување до Црна Гора од Босна и Херцеговина или регионот преку оваа рута им се препорачува да ја избегнуваат оваа делница до понатамошно известување.
Tagged as:
Речиси 40.000 странски туристи го блокираа пристапот до дубровничката ривиера
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
