Background

И македонската федерација се спротистави на плановите на Инфантино

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) застана зад заедничкиот став на сите 55 членки на УЕФА против планот на ФИФА да основа компанија за организација на светските првенства, која потоа ќе продаде значителен удел на заинтересирани инвеститори, а парите ќе ги поделат националните федерации.

„УЕФА и нејзините 55 национални асоцијации стојат обединети. Едногласно и недвосмислено го отфрламе предлогот на ФИФА за пренесување на сопственички удели во Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА на приватни инвеститори.

Светското првенство не смее да се третира како инвестициски производ. Тоа претставува едно од најголемите наследства на светскиот фудбал, создавано низ генерации од играчи, национални репрезентации и навивачи од сите континенти. Ниту еден дел од него не смее да биде отстапен на приватни инвеститори.

- Advertisement -
Ad image

Неодговорно и неоправдано е предлог од вакво значење за светскиот фудбал да биде подготвен во тајност и доведен речиси до фаза на усвојување без суштински консултации со оние на кои им е доверено да се грижат за иднината на играта.

Ова не претставува само сериозен неуспех во лидерството, туку и откажување од обврската на ФИФА како чувар на светскиот фудбал.

Националните асоцијации ширум светот денес се ставени пред избор, да го прифатат неповратното пренесување на сопственичките права врз најзначајните фудбалски натпреварувања или да ги сносат последиците. Тоа не е демократско одлучување, туку управување преку притисок, практика недостојна за институција задолжена да го води светскиот фудбал.

Нашето противење не се однесува само на начинот на кој е донесен овој предлог. Во моментот кога надворешни инвеститори ќе стекнат сопственички удели во натпреварувањата на ФИФА, фудбалот неповратно ќе се промени. Комерцијалниот интерес ќе стане трајна обврска, а очекувањата на инвеститорите постојан фактор во процесот на одлучување.

За ваков модел нема место во светскиот фудбал. Иднината на фудбалот не смее да биде диктирана од оние чија примарна цел е максимизирање на финансискиот принос. Интересите на националните асоцијации, лигите, клубовите, играчите и навивачите не смеат да бидат подредени на интересите на инвеститорите.

Фудбалот не смее да ја заложи својата иднина за финансиска добивка. Ставот на Европа е јасен. Никогаш нема да му дадеме легитимитет на ваков модел. Никој нема морално право да продава нешто што му е доверено да го зачува за идните генерации.

Постојат вредности што не можат да се продаваат. Светското првенство на ФИФА му припаѓа на фудбалот. Отсекогаш било така и така ќе остане. И се додека Европа има свој глас, Светското првенство никогаш нема да биде на продажба“, се вели меѓудругото во писмото потпишано од сите членки на УЕФА, меѓу кои и ФФМ.

Во меѓувреме, отпорот кон плановите на Џани Инфантино, актуелниот претседател на ФИФА расте. По европската и американската федерација, поддршка му откажа и Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ).

АФЦ во петокот објави дека ја поддржува УЕФА и КОНКАКАФ во спротивставувањето на предлогот на ФИФА за продажба на дел од сопственичките права за Светското првенство, со цел „заштита на Светското првенство“.

„Со оглед на ставовите што ги изнесоа УЕФА и КОНКАКАФ, како и на досега невидените поделби што се појавија во фудбалскиот свет, АФЦ смета дека предложениот ФФЕ (FIFA Forward Enterprise) реално не може да го постигне широкиот консензус и единство што се неопходни за понатамошен напредок“, соопшти Азиската фудбалска конфедерација, која обединува 47 земји-членки.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation