Во државата годинава регистрирани се четири случаи на маларија, три на денга и еден на зика, информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој повторно упати повик при патување да се следат препораките за вакцинирање и профилакса од Светската здравствена организација. Од осумте случаи на западнонилска треска, за кои Министерството за здравство информира вчера, шест лица се на Клиниката за инфективни болести, а другите два случаи биле регистрирани во јуни и пациентите се веќе дома.
Состојбата со вектор-преносливи болести е разгледувана на седница на Комисијата за заразни болести.
– Во моментот во опсервација се четири вектор-преносливи болести – маларија, денга, зика и западнонилска треска. Сите се пренесуваат со комарци, меѓутоа сите имаат различно потекло или епидемиолошки им се разликуваат патеките. Бидејќи влегуваме во висока сезона на одмори и во период на поголеми температури, сакав да споделам дека по две години немање случаи на маларија, оваа година имаме четири случаи и сите се поврзани со Африка и со Индискиот Океан, поточно со Малдиви и Занзибар. Имаме три случаи на денга поврзани со Малдиви и зика, кој исто така е поврзан со Малдиви – рече Клековски на прес-конференција.
Како што укажа тој, зика има негативни влијанија кај бремени жени, денга е хеморагична треска и треба претпазливост, а тешките облици на маларија може да бидат и смртоносни.
– Упатувам повик до луѓето што патуваат во Африка и во Индискиот Океан, особено на Занзибар и Малдиви, да ги следат препораките од Светската здравствена организација за потребата за вакцинација и профилакса. Во Центарот за јавно здравје – Скопје и во соодветните центри ги има соодветните препораки и профилакси. Иако процентите се многу мали, луѓето треба да преземат мерки на претпазливост. Матичните лекари и инфектолозите, пак, задолжително да ги земат предвид во анамнезата патувањата во Африка и во регионот на Индискиот Океан. Клучни се заштитата и раната интервенција – порача Клековски.
Од осумте случаи на западнонилска треска, посочи, два се од јуни, а другите се актуелни. Еден е поврзан со патување во Грција, а другите според возрасната група се над 60-70 години и се претпоставува дека се локални случаи. Генерално, станува збор за ниските терени на Скопско Поле и Велес.
– Издадена е насока до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги контролира стадиумите на дезинсекција во општините, а според контролите, сите значајни општини се со завршена програма на дезинсекција, со исклучок на неколку помали општини, кои во моментот не се поврзани и се далеку од случаите. Случаите се Велес и Скопје, Повардарие. Постапено е епидемиолошки, кај седум од случаите извршена е дополнителна дезинсекција во радиус од 200 метри од нивното место на живеење како стандардна епидемиолошка постапка, а еден одбил тоа да се изврши во неговиот дом – рече Клековски.
Од минатата година во програмата на Институтот за трансфузиона медицина, покрај хепатитис и ХИВ, е и вирусот на западнонилската треска како стандардно тестирање на крвта од април до октомври, за да се избегне евентуална трансмисија преку дарување крв.
– Од минатата година имаме гаранција дека нема да има трансмисија на овој вирус преку крв. Комуницираме дополнително со АХВ околу следење на комарците. Сите овие четири болести се пренесуваат со комарци, кои ги има во Македонија. Иако за претходните три се јасни импортирани случаи, до сите би препорачал посебна внимателност во личната заштита од комарци, посебно покрај застоени води, каде што има бари, мочуришта. Во комуникација сме со сите соодветни институции и ја следиме состојбата – рече Клековски.
Тој појасни дека за лицето кое одбило дезинсекција кое во моментот кога бил направен обид немало налог за влегување на приватен имот и оти тој ќе се искомуницира во Центарот за јавно здравје. Од случаите со западно-нилската треска сите се над 60 години и се со коморбидитети.
– Има други отежнувачки ситуации како повозрасни лица со тешки форми на грип. Осумдесет проценти од западно-нилската треска поминуваат асимптоматски, без никакви симптоми. Затоа ние преминавме на тестирање на крвта, може човекот да нема никакви симптоми, а во даруваната крв да го има вирусот. Фактот дека 80 проценти се асимптоматски, значи дека сликата е обично полесна. Од посериозните знаци се конфузија, зафаќање на мозочните обвивки или воспаление на мозок, а потешките форми развиваат енцефалит – појасни министерот за здравство потсетувајќи дека во изминатите 15 години во државава имало пет смртни случаи на западно-нилска треска.
Tagged as:
ГОДИНАВА СМЕ ИМАЛЕ ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛАРИЈА ДЕНГА И ЗИКА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
