Воведувањето на обоените регистарски таблички за службените возила дало конкретни резултати и злоупотребите се намалени за околу 70 проценти, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и организациски секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски. Тој најави и пилот-проект за набавка на електрични возила, како и целосно регулирање на државниот имот со кој располага Службата.
Гостувајќи во емисијата „Тема на денот“ на МРТ, Томовски оцени дека мерката со обоените таблички значително придонела за намалување на злоупотребите на службените возила.
– Искрено, задоволен сум. Можам да кажам дека околу 70 проценти е искоренета злоупотребата. Сигурен сум дека сè уште има поединечни случаи, најчесто кај пониските ешалони, но се надевам дека граѓаните се доволно свесни и ќе продолжат да пријавуваат неправилности. Тие можат да фотографираат и да испратат пријава на телефонскиот број или на електронската адреса што ги објавивме. Така ќе покажеме дека државниот имот е сопственост на граѓаните и мора одговорно да се користи – рече Томовски.
Тој откри дека СОЗР започнува пилот-проект за набавка на три електрични возила, кои ќе бидат користени од курирските служби за транспорт на документација меѓу државните институции во Скопје.
– Во моментов правиме истражување на пазарот. Планот е да набавиме три електрични возила што ќе ги користат курирските служби за секојдневна достава на документи меѓу институциите. Ова ќе биде пилот-проект преку кој ќе провериме дали електричните возила се практично решение со постојната инфраструктура за полнење во државата – изјави Томовски.
Осврнувајќи се на состојбата со државниот имот, Томовски рече дека при преземањето на функцијата биле затекнати сериозни нерегулирани состојби и дека дел од државните објекти, меѓу кои и репрезентативни вили, воопшто немале имотни листови.
– Не ми е јасно зошто никој претходно не се одлучил да ги легализира овие објекти. Имало постапки што со години биле заглавени во институционалните лавиринти, но кога има волја, има и решение. Направивме измени на законот, со што целиот државен имот што го користи Службата беше ставен на располагање на СОЗР, додека сопственоста останува на Република Македонија. Тоа ни овозможи да започнеме со подготовките за нивно реновирање. Многу од објектите прокиснуваат и се во лоша состојба, но без имотен лист не може да се спроведе ниту една тендерска постапка. Денес можам да кажам дека целиот имот со кој располага СОЗР има уредна документација и е ставен во функција на државата – истакна Томовски.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
