Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот Горан Ангеловски, денеска на граничниот премин Табановце, заедно со министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ и вршителот на должност директор на Агенцијата за безбедност во сообраќајот на Србија Бранко Стаматовиќ, официјално ја означија првата заедничка превентивна кампања „Вози одморен“.
Кампањата има цел да ја подигне свеста кај возачите за опасностите од замор зад воланот, особено во екот на летната туристичка сезона кога значително се зголемува сообраќајот на Коридорот 10, од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица.
Во своето обраќање, Тошковски истакна дека оваа заедничка превентивна акција е уште една потврда за успешната соработка меѓу двете соседни и пријателски држави.
– Заедно со нашите колеги од Србија испраќаме силна порака дека превенцијата е најдобриот начин за заштита на човечките животи. Возачите кои во овие жешки денови тргнуваат на подолги патувања треба да бидат одморени и во текот на патувањето да прават пауза на секои два до три часа, во траење од најмалку 15 минути. Потребно е да внесуваат доволно вода, да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањата на брзината. Најголем дел од сообраќајните несреќи се случуваат поради замор на возачите или поради пребрзо возење. Затоа сметам дека ова е исклучително важна кампања, бидејќи човечкиот живот нема цена. Ако успееме да спасиме барем еден живот, тоа ќе биде успех за сите нас – истакна Тошковски.
Министерот потсети дека со воведувањето на системот „One Stop“ со Србија, времето на чекање на граничниот премин Табановце е значително намалено.
– Од неколкучасовни задржувања, денес чекањето е сведено на најмногу половина час, иако бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти – рече Тошковски.
Тој упати апел до сите возачи кои транзитираат по Коридорите 8 и 10 низ Македонија, нагласувајќи дека системот „Безбеден град“ е целосно функционален и ги евидентира сите сообраќајни прекршоци.
– Секој прекршок сторен по 1 февруари 2026 година, од пуштањето на системот во функција, ќе биде евидентиран и санкциониран, без разлика дали возилото има македонски или странски регистарски таблички. Наскоро ќе започне и вториот чекор од системот, кој предвидува доставување на казните и до возачите со странски регистарски таблички, а токму овој граничен премин ќе биде меѓу првите каде што тоа ќе се применува – нагласи Тошковски.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, оцени дека заедничката иницијатива е пример за успешна регионална соработка во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Тој ја потенцираше одличната соработка меѓу двете министерства и полициски служби во сите области на безбедноста.
– Наш приоритет е да биде спасен секој човечки живот, особено животот на најмладите. Затоа апелираме до сите возачи да патуваат одморени и одговорно, особено кога тргнуваат на долги летни патувања – порача Дачиќ.
Во рамките на кампањата, на возачите кои минуваа низ граничниот премин Табановце им беа поделени шишиња вода, едукативни летоци со совети за безбедно возење и промотивен материјал со препораки за спречување на сообраќајни незгоди предизвикани од замор.
Од Министерството посочуваат дека оваа превентивна акција е дел од заедничките напори на македонските и српските институции за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот за време на летната сезона.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
