Асфалт што се топи, шини што се деформираат и температури кои се приближуваат до 42 степени. Така изгледа новиот топлотен бран што ја зафати Европа и полека се спушта кон Балканот, каде во наредните денови се очекуваат екстремно високи температури.
Жештините, кои минатата недела ја погодија Западна Европа, веќе соборија температурни рекорди во Германија, Полска и во Чешка, а сега се движат кон исток.
Во централна Унгарија температурата достигна 41,8 степени Целзиусови, само една десетинка под националниот рекорд поставен во 2007 година.
Во Словачка, пак, беше измерен нов температурен рекорд од 41 степен во градот Турња над Бодвоу.
Унгарските власти веќе препорачуваат работа од дома каде што е можно, а јавните институции добија насоки да го ограничат работењето на отворено во најжешкиот дел од денот.
Рестораните и угостителските објекти се охрабруваат да обезбедуваат вода за граѓаните, додека климатизираните јавни простори остануваат отворени за сите.
Жештините веќе оставија сериозни последици врз германската инфраструктура.
Во Лајпциг високите температури предизвикаа топење на материјалот меѓу шините и асфалтот, поради што беше нарушен трамвајскиот сообраќај.
Стопениот материјал навлегол во железничките склопки и ги загрозил безбедносните услови за движење.
Повеќе од 50 работници деноноќно работат на расчистување на околу 300 километри трамвајска мрежа и на санација на оштетувањата.
Слични проблеми се пријавени и во Нирнберг, Вирцбург, Есен, Бремен и Дрезден.
Додека Балканот се подготвува за температури до 40 степени, пожарникарите во Босна веќе се борат со пожари поттикнати од екстремната топлина.
Во Украина ситуацијата е дополнително усложнета поради војната и оштетената енергетска инфраструктура.
Властите воведоа итни ограничувања и прекини на електричната енергија поради огромната потрошувачка и дополнителното оптоварување на системот.
– Жештината е сериозен тест дури и за опремата што работи во воени услови повеќе од четири години и претрпела бројни напади – изјави директорот на енергетската компанија „Јасно“, Сергеј Коваленко.
Според анализите на АФП, околу 130 милиони жители на Европа моментално се изложени на температури повисоки од 35 степени Целзиусови.
Научниците од организацијата World Weather Attribution оценуваат дека станува збор за еден од најинтензивните топлотни бранови досега регистрирани на континентот.
Според нив, вакви екстремни температури на самиот почеток на летото би биле речиси невозможни без влијанието на климатските промени.
Жештините веќе оставаат тешки последици низ Европа.
Според податоците на Светската здравствена организација, од 21 јуни досега се регистрирани повеќе од 1.300 дополнителни смртни случаи поврзани со екстремната топлина.
Меѓу жртвите има деца оставени во автомобили, но и луѓе кои се удавиле обидувајќи се да најдат разладување.
Само во Франција од средината на јуни се регистрирани најмалку 74 смртни случаи поврзани со давење.
Во Полска, пак, 17 лица загинале само во текот на еден ден.
Иако температурите во делови од Франција почнаа благо да се намалуваат, метеоролозите веќе предупредуваат дека нов топлотен бран може да пристигне уште во јули.
Во меѓувреме, граѓаните низ Европа бараат спас покрај реки, езера и паркови.
– Јас правам што прават сите. Барам сенка и пијам многу вода. Само се надевам дека политичарите ја разбираат ситуацијата и ќе почнат да ги насочуваат работите во вистинската насока – изјави жителка на Виена, каде викендов беа измерени речиси 40 степени.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
