Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешната прес-конференција по повод две години од работата на Министерството за економија и труд ги презентираше клучните резултати, реализираните реформи и политиките што во изминатиот период беа насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните, зголемување на вработеноста, подобрување на деловната клима и поддршка на инвестициите.
„Денес не сум тука да зборувам за политички оценки. Тука сум да зборувам за резултатите. Во изминатите две години реализиравме политики кои имаат директно влијание врз граѓаните, компаниите и економскиот развој на државата“, истакна министерот Дурмиши.
Во своето обраќање министерот нагласи дека во услови на глобални економски предизвици, нарушени синџири на снабдување и геополитички кризи, Министерството навремено реагирало со таргетирани мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички, со цел да се ублажи притисокот врз семејните буџети и да се спречат неоправдани ценовни шокови.
Истовремено, како што посочи, Владата работи на долгорочна стратешка стабилизација на пазарот преку координација со сите надлежни институции, производителите, трговците и стопанските комори, со цел навремено препознавање на ризиците и обезбедување предвидлива економска средина.
Во делот на политиките за вработување, министерот истакна дека успешно се реализирани Оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година. Само во 2025 година за активните мерки за вработување беа обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, при што беа реализирани над 2 милијарди денари. Особено успешни беа мерките за самовработување, практикантство, преквалификација и отворање нови работни места.
Како еден од најзначајните резултати беше посочена успешната имплементација на Гаранцијата за млади, преку која 26.636 млади лица излегле од евиденцијата на невработени преку вработување, образование или вклучување во активни мерки.
За 2026 година обезбедени се 2,41 милијарди денари преку новиот Оперативен план, со кој ќе бидат опфатени 10.352 граѓани преку грантови за самовработување, поддршка за нови компании, субвенционирано вработување, практикантство, обуки за дефицитарни занимања, поддршка за лица со попреченост и младински додаток.
Министерот се осврна и на реформите во областа на трудот, при што информираше дека во изминатиот период се донесени или изменети повеќе од 20 законски решенија. Реактивиран е Економско-социјалниот совет, повторно е ставена во функција Комисијата за утврдување репрезентативност, а со законските измени е намален прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5 проценти, со што повторно е воспоставен функционален социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.
Во насока на подобрување на деловното окружување, Министерството реализираше значајни активности во рамките на Реформската агенда. Оптимизирани се 28 парафискални давачки, мапирани се 100 административни постапки што ќе бидат поедноставени и дигитализирани, а подготвена е и Националната стратегија за развој на малите и средните претпријатија за периодот 2025–2030 година.
Министерот истакна дека Министерството презело нови надлежности во делот на финансиската поддршка на инвестициите, при што во Буџетот за 2026 година се обезбедени 1 милијарда и 230 милиони денари за поддршка на компании што инвестираат, отвораат нови работни места и создаваат додадена вредност.
Како конкретен пример за успешна инвестициска политика беше посочена Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде што компаниите во 2025 година реализирале производство вредно над 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари, со вкупно 1.845 вработени. Воедно беше најавена и новата инвестиција на компанијата CAVO Otomotiv, вредна 21 милиони евра, која ќе отвори околу 550 нови работни места.
Во своето обраќање министерот нагласи дека Министерството активно работи и на исполнување на реформските обврски поврзани со европската интеграција преку реализација на ИПА-проекти, усогласување на законодавството со европските стандарди, јакнење на конкурентноста на стопанството и развој на човечкиот капитал.
„Свесни сме дека остануваат бројни предизвици, но уверен сум дека реформите што ги започнавме се цврста основа за поконкурентна, поиновативна и поотпорна економија. Продолжуваме со истата цел – повеќе инвестиции, повеќе работни места, посилни компании и подобар животен стандард за секој граѓанин“, порача министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
