Background

ОХРИДСКО – ДРЖАВНА ЖОЛТА ЛЕНТА КОЈА ИСЧЕЗНУВА ПРЕКУ НОЌ, СИМБОЛ НА ИНСТИТУЦИОНАЛЕН КОЛАПС

Жолтата лента, единствениот видлив знак дека државата воопшто реагирала на дивоградба, во Охрид станува симболична мерка без никаква реална тежина. Таа се поставува, исчезнува за неколку часа или денови, а градбата продолжува понатаму како таа никогаш и не постоела. Анализата на праксата на Државниот градежен инспекторат покажува дека станува збор не за исклучок, туку за систем кој очигледно функционира токму на овој начин.

ОД ИНСПЕКЦИСКА МЕРКА ДО ПРАЗЕН ГЕСТ

Кога инспекцијата поставува лента на градилиште, тоа законски треба да значи запирање на секаква понатамошна активност, до конечно разрешување на постапката. Во пракса, во Охрид, лентата не претставува никаква пречка. Сопствениците едноставно ја симнуваат, ја фрлаат во ѓубре, и продолжуваат со градба, без притоа институциите да констатираат прекршување на веќе изречената мерка.

Овој детаљ е клучен за анализа, бидејќи покажува дека проблемот не е само во самата дивоградба, туку во отсуството на каков било механизам за следење дали мерките на инспекцијата воопшто се почитуваат. Поставувањето лента без последователна контрола е еднакво на нејзино непоставување.

ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПАСИВНОСТ ПО КОНСТАТИРАН ПРЕКРШОК

- Advertisement -
Ad image

Случајот на улица Самоилова, во строгиот центар на Охрид, зона тројно заштитена преку Заводот и музеј, преку УНЕСКО и преку самата Држава, дополнително го потврдува овој образец. Инспекцијата постапила по пријава на граѓани, констатирала доградување без одобрение, констатирала и узурпација на дел од државно земјиште, и со тоа нејзината улога практично завршила. Не следело ревидирање на записникот, не следела дополнителна проверка дали градбата е сопрена, не следела ниту минимална координација со другите надлежни институции одговорни за заштитена културна зона.

Резултатот е речиси предвидлив. Само неколку недели подоцна, истиот објект, констатиран како дивоградба, веќе функционира и врши угостителска дејност, отворено и непречено, во зона каде секоја интервенција треба да помине низ строга процедура.

ОДГОВОРНОСТ КОЈА СЕ ПРЕФРЛА, А НЕ СЕ ПРЕЗЕМА

Анализирано низ призмата на јавниот интерес, ваквата пракса отвора повеќе прашања отколку одговори. Дали постои внатрешен механизам во инспекцискиот систем кој ја следи судбината на сопствените мерки откако ќе бидат изречени, или секоја лента претставува еднократен чин без понатамошна обврска. Дали другите надлежни институции, одговорни за заштита на културното наследство во Охрид, воопшто се известуваат кога инспекцијата констатира дивоградба во таква зона.

Искуството покажува дека одговорноста системски се префрла од институција на институција, наместо реално да се преземе од некого. Токму таквиот образец на повторливо игнорирање создава простор за нови, идни случаи, а ризикот станува се поголем во густо изградени и туристички преоптоварени делови на градот.

ПРАШАЊЕ НА ПРЕВЕНЦИЈА, НЕ НА РЕАКЦИЈА ПО НЕСРЕЌА

Најзагрижувачкиот дел од оваа анализа се однесува на иднината. Доколку системот продолжи да функционира на принципот привидна реакција, а потоа целосно отсуство на контрола, секогаш постои ризик од посериозни последици. Искуството од трагедијата во Кочани покажа колку чини институционална пасивност, кога формалните мерки не се проследени со реална примена.

Прашањето кое останува отворено е дали надлежните чекаат нов сериозен инцидент за да почнат сериозно да ја преиспитуваат сопствената пракса, или ќе се одлучат веднаш да воспостават механизам кој ќе гарантира дека секоја поставена лента навистина значи запирање на градбата, до нејзино конечно и законско разрешување.

Сашо Денесовски

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation