Продлабочување на политичките и економските односи, зајакнување на евроатлантската соработка и силна поддршка за европската интеграција на Северна Македонија беа во фокусот на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Литванија Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјава.
По средбата, двајцата министри оценија дека билатералните односи се одлични и со потенцијал за понатамошно продлабочување, особено во економската и трговската соработка. Беше нагласено дека отворањето на македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор во унапредувањето на партнерството, а Литванија останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на земјава. Заеднички беше оценето и дека актуелните геополитички состојби бараат единство, засилена соработка и јасна ориентација кон европските вредности.
– Од 1 јануари го преземаме претседавањето со Советот на Европската Унија, а политиката на проширување ќе биде еден од нашите врвни приоритети. Верувам во силна Европска Унија како силен геостратешки актер. За Европа да биде посилна, мора да биде поголема и да им даде можност на земјите кои предолго чекаат да станат дел од европското семејство. Северна Македонија спроведува реформи и тој напредок е препознаен. Државата е на вистинскиот пат, а Литванија ќе продолжи силно да го поддржува вашиот европски пат. Ја имате нашата целосна поддршка и помош во овој процес. Споделуваме иста стратешка визија и веруваме во силна, обединета и безбедна Европа – истакна министерот Будрис.
Тој додаде дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и на објективна оценка на постигнатите резултати.
– Напредокот треба да го мериме врз основа на извештаите на Европската комисија. Од она што го читам во последниот извештај, Северна Македонија е на вистинскиот пат и затоа заслужува нашата континуирана поддршка – порача Будрис.
Министерот Муцунски истакна дека односите со Литванија се темелат на заеднички вредности и стратешка ориентација, при што посочи дека посетата претставува нов импулс во билатералните односи и отвора нови можности за соработка, особено во политичката, економската и секторската сфера.
Тој ја нагласи и континуираната поддршка од Литванија за европскиот пат на Северна Македонија, оценувајќи дека членството во ЕУ претставува прашање со пошироко безбедносно и геостратегиско значење.
Tagged as:
МАКЕДОНИЈА Е НА ВИСТИНСКИ ПАТ И НАПРЕДУВА СО РЕФОРМИТЕ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
