Background

Обвинителството упорно го компромитира процесот за трагедијата во Кочани

Изведувањето на материјалните докази во случајот „Пулс“ сè појасно го отвора најтешкото прашање за обвинението: како да се докаже правно одржлив каузалитет меѓу административните акти од 2012 година и трагичниот пожар што се случи во март 2025 година?

Станува збор за временска дистанца од речиси 13 години, за документ со ограничено времетраење од само 1 година, за различни адреси и објекти, како и за долг институционален синџир, во кој во меѓувреме постапувале повеќе органи, служби и носители на јавни функции.

Клучното прашање е дали може да се докаже дека конкретен акт од 2012 година претставувал правно релевантна причина за пожарот во 2025 година. Досега презентираните докази покажуваат дека е исклучително тешко, ако не и невозможно, да се воспостави таквата врска.

Каков доказ е лиценца со важност од само 1 година, издадена во 2012 година и тоа – за друг објект?!

- Advertisement -
Ad image

Проблемот со каузалитетот е најизразен кај прашањето на лиценцата издадена во 2012 година. Според документите презентирани во судницата, уште при нејзиното издавање, лиценцата имала утврден рок на важност од 1 година. Таа, според тоа, не претставувала траен административен акт, ниту можела неограничено да произведува правни последици. Нејзиното правно дејство завршило повеќе од една деценија пред трагедијата во март 2025 година.

Дополнителен проблем за обвинението е што лиценцата не се однесувала на објектот во кој се случи пожарот. Во документот била наведена локација на улицата Димитар Влахов, додека трагедијата се случи во објект на улицата Крижевска во Кочани.

Овие факти се од суштинско значење. Административен акт издаден со рок на важност од само 1 година не може автоматски да произведува правни последици повеќе од една деценија по истекувањето на тој рок. Уште помалку може тој документ, без дополнителни и цврсти докази, да се поврзе со настан што се случил речиси 13 години подоцна.

Истото важи и за локацијата на која се однесува лиценцата. Во правото, идентитетот на објектот за кој е издаден определен акт не е формалност, туку суштински елемент на неговото правно дејство. Лиценца издадена за еден објект не може едноставно да се третира како лиценца за друг објект, на сосема друга адреса.

Како може една таква лиценца да претставува причина за пожар што се случил во 2025 година, во друг објект? Самото постоење на документот не е одговор на ова прашање. Постоењето акт не значи и постоење каузалитет. Во кривичната постапка не е доволно да се покаже дека во минатото бил донесен определен административен акт. Неопходно е да се докаже дека дејствието или пропустот што му се става на товар на конкретниот обвинет имал правно релевантно влијание врз настанувањето на последицата.

Газдите на „Пулс“ 13 години воделе борба да ја легализираат дискотеката

Во овој случај, за правен каузалитет меѓу актот и настанот – кој никогаш и не е воспоставен, поради различниот идентитет на објектот – е прекинат по истекот на едногодишниот рок на важност на лиценцата, со подоцнежните институционални постапки, како и со новите контроли и дејствијата на повеќе други надлежни органи.

Во периодот од 2012 до 2025 година не постоел институционален вакуум. Во различни периоди, во врска со лиценцирањето на објектот во кој настана пожарот, постапувале повеќе институции со различни законски надлежности. Министерството за економија било раководено од повеќе министри, а паралелно постапувале Државниот пазарен инспекторат, органите за заштита и спасување, службите за противпожарна заштита, локалните служби и други надлежни тела.

Во судницата беа презентирани општински регистри, урбанистички документи, инспекциски записници, годишни програми за надзор и други материјали создадени во различни години. Овие документи можат да покажат дека определена институција во даден момент презела или не презела одредено дејствие. Но, тие, сами по себе, не докажуваат дека токму тоа дејствие било причина за пожарот.

Напротив, големиот број институционални постапки го прави прашањето на каузалитетот уште посложено. Секоја нова контрола, одлука или постапување може да има самостојно правно значење. Не може едноставно да се прескокнат сите настани во период од речиси 13 години и одговорноста за конечниот исход да се поврзе со лиценца од 2012 година, чиј рок на важност бил ограничен на 1 година.

Непосредните причини за пожарот сепак се на друго место

Прашањето на каузалитетот станува уште покомплексно кога ќе се земат предвид околностите што се наоѓаат во непосредна временска и фактичка врска со трагедијата. Информациите и доказите досега презентирани во јавноста се однесуваат на употребата на пиротехнички средства во затворен простор, избувнувањето и ширењето на пожарот, состојбата на објектот, условите за евакуација, бројот на присутни лица, излезите и безбедносните услови во критичниот момент.

Тоа се конкретни околности што постоеле непосредно пред и за време на пожарот. Тие – временски, просторно и фактички – се многу поблиску до настанувањето на трагичната последица, отколку до некаков административен документ издаден речиси 13 години порано, со важност од само 1 година и за друга локација.

Колку повеќе обвинението се оддалечува од околностите што непосредно му претходеле на пожарот и се навраќа кон административни акти од далечното минато, толку поголем станува товарот да се докаже дека тие стари акти сè уште имале реално и правно релевантно влијание во март 2025 година.

Каде започнува и каде завршува индивидуалната одговорност?

Дополнително прашање отвора начинот на кој е индивидуализирана одговорноста. Доколку една институција во период од речиси 13 години била раководена од повеќе носители на функцијата, а во меѓувреме продолжила да носи нови акти и да постапува во рамките на своите надлежности, обвинението мора прецизно да покаже зошто токму определен акт и токму определен функционер се третираат како дел од причинско-последичниот синџир.

Одговорноста во кривичното право е индивидуална. Таа не може да се темели само врз функцијата што некој ја извршувал, ниту врз општото постоење на институционална надлежност. Потребно е да се докаже конкретно дејствие или пропуст, конкретна законска обврска и конкретна причинска врска со последицата. Во спротивно, опасноста е обвинението да се претвори во широка институционална хронологија во која се набројуваат документи и функции, но не се утврдува кој точно акт, на кој начин и со какво реално влијание довел до трагедијата.

Јавното обвинителство не сака да се меша во својата работа

Трагедијата во „Пулс“ остави огромна болка и ненадоместлива загуба. Семејствата и јавноста имаат право да очекуваат целосни одговори и одговорност за сите чии конкретни постапки или пропусти придонеле за пожарот и неговите последици. Тежината на трагедијата бара одговорноста да биде утврдена прецизно, индивидуално и врз основа на несоборливи докази.

Ќе повториме по кој знае кој пат: правдата не се постигнува со создавање што е можно поширок круг на обвинети, ниту со поврзување што е можно поголем број документи во една обвинителска конструкција. Напротив, таа се постигнува со докажување на конкретната улога на секој обвинет и на јасната причинско-последична врска меѓу неговото постапување и трагичниот исход.

Во случајот со актите од 2012 година, токму таа врска недостига. Директните и индиректните околности што довеле до пожарот се поврзани со состојбата и работењето на објектот во март 2025 година. Дека актот од 2012 година постоел, тоа е неспорно. Но, како да се докаже дека тој акт, и покрај истекот на едногодишниот рок, наспроти различната адреса, со огромна временската дистанца и со сите подоцнежни институционални постапки, останал правно релевантна причина за пожарот во 2025 година? Никако.

Обвинението е на стаклени нозе, а Јавното обвинителство го знае тоа, но не сака да се меша во својата работа. Тоа остава проблемот на чудотворен начин да го реши Судот. А таа логика судскиот процес дефинитивно го води во ќорсокак.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation